Мажот кој актерот Кевин Спејси го обвини за сексуална злоупотреба почина пред неговиот случај воопшто да стигне на суд, пишува Би-би-си њус.
Овој анонимен масер тврди дека актерот пред три години му удрил шлаканица во куќата во Малибу по што наводно сексуално го нападнал.
Актерот ги негира наводите цело време, а веста за смртта е откриена во судскиот поднесок од адвокатот на Спејси.
Мажот кој во случајот е наведен како Џон До, а во пријавата, која адвокатите на Спејси ја поднесоа до надлежниот суд во Калифорнија, наведено е дека тој починал неодамна, но не наведуваат никакви детали. Неговиот адвокат Џини Харисон го обвини правниот тим на актерот за манипулација за да се отфрли случајот.
Во изјавата тужителот е опишан како „достоинствен, љубезен и средовечен човек“, кој цел живот носел трауми од наводниот напад, а се додава дека се појавиле и други наводни жртви на 60-годишниот холивудски актер.