среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Археолошки локалитет „Градиште” во село Град

Археолошки локалитет „Градиште” во село Град

Во селото Град, лоцирано на неколку километри од магистралниот пат Делчево-Берово постои археолошко наоѓалиште, кое се нарекува “Градиште”.

Патоказ на регионалниот пат Делчево-Берово

Откриените археолошки остатоци сведочат за постоење на една голема, во поширокиот регион најзначајна населба која егзистирала од праисторијата, па до денес. Од времето на неолитот, пронајдени се вредни археолошки предмети како стилизирана женска фигура од печена земја, енолитска куќа со огниште и керамички садови (5500 год. п.н.е).

Макета на сега веќе непостоечкиот Етно парк “Пијанец” кој беше изграден во село Град во непосредна близина на Археолошкиот локалитет “Градиште” во периодот 2001-2004 година

На истиот локалитет регистрирани се наоди кои сведочат за континуитетот на живеење низ бронзеното време, железното време, римскиот период, доцната антика, како и средниот кога било изградено и обновено утврдувањето од кое дел може да се види и денес – три кули и дел од фортификацијата кои се конзервирани. Пронајдени се голем број на монети од римскиот период и рано византиско време, керамика од сите периоди, а откопани се и голем број на питоси, бронзени крстови и многу други артефакти.

Макета на Археолошкиот локалитет Градиште поставена во Археолошко-Етнографската поставка “Пијанец” во Спомен домот АСНОМ во Делчево

Дел од артефактите, како и макета од конзервираните кули можат да се видат во археолошката-етнолошка поставка сместена во Спомен домот АСНОМ, во Делчево.

Град, е село во Пијанец, општина Делчево. Се наоѓа на неколку километри од магистралниот пат Делчево-Берово. Местото на кое се наоѓа селото изобилува со вода, плодна земја и пасишта, кои се и прчина да ова место биде населено уште пред 5.500 години. Во него се вкрстувале главни и споредни патишта. Преку селото поминувал стариот пат, кој од рудоносните ридови на Саса и Калатакај Каменица, водел преку Луковица, Драмче, Црквенец, Ѕвегор, Град и онатаму преку Малешевијата за Солун. Патот поминувал по десната страна на реката Брегалница. Преку Град, кон планината Обел, Поминувал пат кој водел за долината на Струма, а од таму за Константинопол.

Поглед на Археолошкиот локалитет “Градиште” и дел од селото Град од северозападната страна

Во селото Град постои археолошко наоѓалиште, кое се нарекува “Градиште”. Со археолошките истражувања во 2001 година, археолозите пронашле фигура од метал на женско божество-мајка со жртвеник, која е датирана од пред 5.500 години. Откопана е енолитска куќа, во состојба каква и што била од пред 5.500 години. Во неа имало огниште со четири керамички садови. На тоа подрачје се откриени и бронзенодобски населби. Сите тие наоди зборуваат дека на тоа место имало живот уште многу одамна.

Со поранешите истражувања, во атарот на селото ео откриена голема тава со грчки монети од градот Хистие (Еубеа) од 4-ти и 3-ти век пред Христос. Тоа иницира дека таму постоела населба и за време на Хелинистичкиот пориод, која продолжува да егзистира и за римско време.

На самиот рид на Градиштето се пронајдени голем број на монети од римскиот период и рановизантиско време. Пронајдени се камени садови и керамика од сите периоди. Откопани се и голем број на питоси.

Внатрешноста на централната кула на одбрамбената тврдина на археолошкиот локалитет “Градиште” во с. Град

Со археолошките истражувања во селото од 2001 година Градиштето било датирано како доцноантички град, 1-4 век по Христос. Според археолоштите наоди тоа било добро обезбедена тврдина, со акропола на врвот на ридот и со кула за набљудување на околината и одбрана од напади. До сега во Град не е лоцирана ранохристијанска црква, иако преданието збоува дека во селото имало повеке цркви. Во средниот век имало развиен црковен живот. За тоа сведочат бронзените крстови кои се најдени во Градиштето при ископувањата во 2001 година. Таму се најдени три бронзени крста, од кои кои едниот е датиран 10-12 век, вториот само од средниот век, а третиот од 18 век. Од податоците кои ни се на располагање од времето на владеење на царот Милутин , цар Душан и од еден Турски попис од 1570 година дознаваме дека станува збор за голема и организирана населба.

Поглед на дел од селото Град од Археолошкиот локалитет “Градиште” во село Град, денес

Како султанска држава со Хатихумајунот од 1856 година, со кој првпат е прокламирана слобода на вероисповед и рамноправност на сите турски поданици, христијаните од Град, најверојатно предводени од свештениците и занаетчиите, поднеле барање да им одобри изградба и доградба на црквата “Свети Георги” во селото. Ферманот со кој султанот го одобрил барањето на христијаните од Град, беше најден во црквата во селото, а сега се чува во архивот на Македонија. Ферманот го издал султанот Абдул Меџит, кој владеел од 1839 до 1861 година.

Од преродбенскиот период на македонскиот народ, од ова подрачје улогата на преродбеници на месното население ја земале свештениците и црквата.

Поглед на Археолошкиот локалитет “Градиште” во село Град од влезот на Природниот локалитет Пештерата “Коњска дупка”

Денес Град заедно со целиот македонски народ ги дели убавините и маките на Македонија. Сега во него живеат околу 180 фамилии православни македонци и три фамилии од турска националност кои незнаат ниту еден збор турски и не ги познаваат турските обичаи па се претпоставува дека се македонци кои морале да ја прифатат муслиманската вероисповест за време на турското ропство.

Поглед кон селската Црква “Св. Ѓорѓи” во село Град од под бедемот на тврдината на Археолошкиот локалитет “Градиште” во село Град

Превземено од Брегалнички.мк.