среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

„Македонскиот спорт со законот кој што оваа Влада го донесе се повеќе тоне“

„Македонскиот спорт со законот кој што оваа Влада го донесе се повеќе тоне“

Македонскиот спорт со законот кој што оваа Влада го донесе се повеќе тоне. Веќе почнуваат да се гледаат негативните ефекти на кои што ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, предупредувавме дека ќе нанесат штета на спортот во нашата држава. Постоечкото законско решение кое го донесе Владата предводена од СДСМ по не знам кој пат ја покажа неспособноста на оваа Влада да донесе добар и квалитетен Закон за спорт, изјави денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајче Димков кој додаде:

„Затоа, како одговорна пратеничка група денес поднесовме нов Закон за спорт односно закон кој ги содржи старите одредби кои беа отстранети од оваа власт, а истите беа позитивно прифатени од спортската јавност и даваа одлични резултати. Најпрво ќе истакнам некои од штетните последици од постојниот закон кој го донесе оваа власт. Ситуацијата е повеќе од сериозна. На Македонија и на нејзиниот спорт и се заканува комплетна меѓународна изолација. Веќе подолго време меѓународните спортски институции го толерираат одреденото мешање на политиката во спортот. Македонија со постојниот закон влезе во список на земји за кои интервенира Интернационалниот Олимписки Комитет кој со месеци давале инструкции на Владата предводена од СДСМ и Зоран Заев и на Агенцијата за млади и спорт но никој од таму не гледал сериозно на овие ставови и препораки.“

Според Димков федерациите мора да бидат автономни и нивните статути прилагодени кон статутите на меѓународните спортски федерации, а не кон Законот за спорт во земјава кој што е контрадикторен и далеку од она што во моментов се спортските федерации.

„Како што забележавме додека се носеше Законот за спорт од страна на оваа Влада, дека решението е спротивно на интересите на спортските федерации и спортистите, така денес откако тоа се виде во пракса реагираат сите федерации и Македонскиот Олимписки Комитет. Со постоечкото законско решение голем проблем имаат малите спортови кои не се толку атрактивни за спонзорирање, а со ваучерскиот систем се оставени со минорни средства за финансирање. Сегашниот закон предвидува можност за инвестирање само за спортски субјекти кои имаат ваучер, а износот е лимитиран на 6 милиони евра вкупно за сите федерации, клубови, индивидуални спортисти и дополнителен проблем претставуваат високите критериуми кои ги ставаат богатите клубови во прв план во однос на помалите клубови и федерации на кои им се потребни повеќе средства, а за волја на вистината овие клубови се далеку позастапени од оние кои можат да се пофалат со голем буџет.“

-Поради овие но и други катастрофални одредби во постојниот закон, ние со новиот закон предлагаме враќање на претходните одредби кои што придонесоа за револуција во спортот и истите изградија систем кој што беше најпозитивно прифатен од сите спортски субјекти. Со претходниот закон, само за три години преку даночното олеснување во македонскиот спорт влегоа 10 милиони евра, а преку Законот за игри на среќа се поддржаа преку 64 спортски федерации и стотици клубови и спортисти со дополнителни 7.5 милиони евра. Со овој закон сакаме овие успешни политики да ги вратиме повторно. Редно време е оваа власт да научи дека укинувањето на позитивните закони само поради тоа што се решенија на претходната власт и носење на нови катастрофални решенија не е добро за интересите на граѓаните во случајов за спортистите, посочи Димков и подвлече:

„Апелирам до парламентарното мнозинство да се надмине себеси и да го поддржи овој закон со цел да ја запреме оваа апокалипса која што и се заканува на македонскиот спорт. Ако не нас, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, послушајте ги спортските федерации и Македонскиот Олимписки Комитет кои што секојдневно предупредуваат дека чашата е прелеана и дека мора итно да се реагира.“

Најнови вести