Снежните врнежи и натаму го отежнуваат сообраќајот кој се одвива со забрани за товарни возила на дел од патиштата, по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар. Врнежи од снег со слаб интензитет има во Маврово, Смојмирово и на планинските превои Стража и Ѓавато.
Обилните врнежи од снег го отежнаа сообраќајот на патот Крушево-Прилеп и Крушево-Демир Хиса, каде е задолжителна зимска опрема за патнички моторни возила, а не се пропуштаат товарни возила, информира Автомотосојузот на Македонија во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Во сила се и забрани за сообраќај на тешки товарни возила на патните правци крак Маврово – Дебар, Кичево – Охрид преку планинскиот превој Пресека, Гостивар – Кичево преку превојот Стража и Струга – граничен премин Ќафасан. Од 7:30 часот изутрина се укинати забраните преку превоите Буково и Ѓавато.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата.