Поранешната приправничка на Белата куќа, Моника Левински, по 20 години се огласи за аферата со претседателот Бил Клинтон, изјавувајќи дека се работело за „очигледна злоупотреба на моќта“, а не за сексуален напад.
Во интервју за магазинот „Венити фер“, Левински раскажа дека имала посттрауматски стрес и дека долго време ѝ било тешко да излезе надвор.
Левински открива дека една од водечките жени на движењето #MeToo ја охрабрила да ја раскаже својата приказна.
„Сега кога имам 44 години сфаќам која е разликата во моќта на една стажантка и на претседател на држава во Белата куќа. Тогаш бев во моите рани 20-ти и си дозволив да минам некоја граница на интимна и емоционална поврзаност со Клинтон“, вели Левински и додава дека Клинтон тогаш бил во цветот на кариерата, а таа на првата работна позиција по колеџ.
Левински открива дека за време на истрагата не смеела да говори за себе и да се брани. Вели дека настаните од 1998 година биле траума за нацијата и во тие моменти се чувствувала осамено.
Клинтон, против кого беше покрената постапка за отповикување, во август во 1998 година, призна дека имал несоодветен однос со младата приправничка во Белата куќа.