Пазарџиите од „Зелен пазар“, иако во мал број, денеска излегоа на предупредувачки генерален штрајк.
Според нив, тие се револтирани од новиот ценовник на Скопски пазар со кој, како што велат, драстично им се покачиле цените за закуп на тезга. Тие не се задоволни и од условите во кои што работат, но и од селективниот пристап кон пазарџиите.
– Откако беше најавен протестот, се вршеа различни притисоци на тезгаџиите да не излезат, дури и ние денеска што се собравме, им беше дадена наредба на реонските баждарџии да не фотографираат да видат кои сме излезени надвор – вели Маја Стојановска Дашковска, закупец на тезга на „Зелениот пазар.“
Таа додава дека се соочуваат со големи неправилности во однос на работењето на Скопски пазар, затоа што прво тие се оштетени поради тоа што во минатото биле наплаќани цени на тезгите од 100 денари дневен баждар, а раководството потенцира дека се наплаќани 150 денари со што се избегнува паушалното оданочување.
– Апелирам до надлежните институции, Финансиска полиција, Управа за јавни приходи, Санитарна и Пазарна инспекција да го посетат пазарот и итно да превземат активности, затоа што доколку секој од нас отвори приватна фирма или дуќан, во текот на една година ќе биде соочен со различни инспекции. Додека во оваа голема компанија во претходните периоди не сме сведочеле дека била направена некаква контрола – вели Стојановска Дашковска и додава дека не знае што ќе биде со нив затоа што излегле на протест и поради тоа што биле фотографирани.
Инаку од Скопски пазар посочија дека немаат намера да го менуваат ценовникот, зголемена е цената само на дневниот закуп на тезга.
Цената за дневен закуп на тезга е зголемена од 150 на 250 денари. Не може месечниот да биде поскап од дневниот закуп.
Цените пак за месечен месечен закуп се движат од 2.500 до 7.000 денари во завиност од тоа каде се наоѓа пазарот и самата тезга, велат од скопски пазар.