Тетовецот Алберт Руфати на синот му го дал името Учк во спомен на своето војување прво во Косово, а потоа и во Македонија, пишува порталот на албански јазик „Инсајдери“.
Руфати како 17-годишник заминал да се бори во редовите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), па се вратил во Тетово и доброволно се пријавил за обезбедување помош за Косово. По војната таму, тој стапил во Ослободителната национална армија (ОНА) и се борел против македонските безбедносни сили.
„Во војната во 2001 година бев од почеток до крај. Јас сум меѓу првите 60 војници на ОНА. Имав многу пријатели во војната, бевме многу млади, тогаш имав 19 години, направив 20 во војната, и тоа нè инспирираше на патот на патриотизмот. Ова беше една од причините, подобро речено главната причина, зошто го именував момчето Учк“, објаснува Руфати.