Во базите Аин ал Асад и Ербил во моментот се наоѓаат повеќе десетици македонски граѓани кои работат во американската компанија КБР која обезбедува цивилна логистичка поддршка на армијата на САД, пренесе Телма.
Претходно, на барање на Курир, македонското МНР објави дека нема никакви информации околу тоа дали и колку македонски државјани има во Ирак. Едноставно, се вадеа на фактот дека никој не побарал помош, а тие таму немале амбасади.
Според информациите на телевизијата, никој од нашите државјани не е повреден иако се вознемирени по жестокиот напад од Иран врз двете американски бази.
Неколку часа пред нападот поради прогласена тревога од највисок степен, вработените во базите биле префрлени во бункерите кои служат како скривници пред евентуални воздушни или ракетни напади.
Голем дел од вработените во двете бази се од Куманово. Дел од нив се подготвуваат за враќање дома или на одмор или поради прекин на работниот однос со фирмата КБР.
Во моментот нема тревога, а за транспорт кон Македонија се чека потполно смирување на состојбата бидејќи бомбардираната база Ербил служи како транзитен аеродром за припадниците на американската армија како и за вработените во воените бази.