четврток, 14. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

СКАНДАЛ: Земјоделец откри – СДСМ ми бараше партиска книшка за да ми исплати пари за штетите од поплавите!

Разочараниот земјоделец е уверен дека штом бараат партиски книшки, парите ги делат на истиот тој принцип.
СКАНДАЛ: Земјоделец откри – СДСМ ми бараше партиска книшка за да ми исплати пари за штетите од поплавите!

Мене во 2016 година ми беше уништен овоштарник со околу 600 дрва со систем капка по капка и имав проценка за тоа за да ми се исплати штетата, но Министерството за земјоделие на чело со поранешниот министер Љупчо Николоски лично не сакаше да ми ги исплати овие пари, ова денеска го посведочи пред медиумите земјоделецот од скопско Арачиново Екрем Јаји.

-Ме малтретираат веќе две, три години, иди таму, иди ваму, за да на крајот ми речат да извадам партиска книшка, а јас и реков дека немам книшка од ниту една партија. Сега слушнав преку медиумите дека има заменик министер, па побарав помош од него, додава Екрем.

Тој вели дека овоштарникот му бил уништен во поплавата во скопскиот реон во 2016 година.

-За сето тоа имам и проценка, колку што имав да се плати и документи, а веќе ме влечат скоро три години, дојди утре, дојди задутре, после месец, после два и досега немам никаков одговор, јас им барам решение да ми дадат дека не ти плаќаме или не ти следуваат, а тие партиски ги делат парите, сведочи Екрем.

Разочараниот земјоделец е уверен дека штом бараат партиски книшки, парите ги делат на истиот тој принцип.

Заменикот министер за земјоделие Цветан Трипуновски вели дека овој земјоделец за жал бил малтретиран со години и бил препраќан од институција до институција бидејќи си ги бара своите реално заслужени пари во однос на штетите од 2016 година.

-Министерството, платежната агенција, дури и кабинетот на тогашниот премиер Зоран Заев си ги префрлаат надлежностите и едноставно го манипулираат Екрем со неговите заслужени пари. Самиот ни кажа и дека врз партиска основа бил манипулиран и дали бил член на СДСМ. Јас она што можам да го направам во овој момент е дека максимално ќе се заложам да го проверам овој случај и зошто се уште се доцни со оваа исплата со која што навистина претрпел големи штети во поплавата во 2016 година, вели Трипуновски.

Тој додава дека ќе биде заштитник на земјоделците и апелира до сите кои имаат вакви или слични проблеми да дојдат во министерството и да го пријават својот проблем.

-Мене не ме интересира политичка партија, ниту ме интересира верска припадност, јас земјоделците едноставно не ги делам и за мене тие луѓе се луѓето кои ја хранат Република Македонија надвор од границите. Од она што можам да го потврдам за овој случај дека документацијата е комплетна со записник од државниот инспекторат за земјоделство каде што се констатира дека навистина е уништен тој овошен насад и едноставно парите требало да стигнат до Екрем, надополнува Трипуновски.

Техничкиот министер потенцира дека ова мора да заврши еднаш за секогаш.

-На македонскиот земјоделец му е уништено достоинството и ова е само еден пример каде навистина она што го говорам е реално поткрепено со факти. Екрем ми кажа и дека не му се исплатени и субвенциите за изминатата година, истакна на крајот Трипуновски.

Екрем вели дека неговата штета од поплавите изнесува околу 10 илјади евра, а до денес 2020 година се уште нема видено ниту денар од ветените пари.

Најнови вести