сабота, 3. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Нова лидерска средба во петок

Нова лидерска средба во петок

На иста маса ќе седнат в петок вечер, на локација во околината на Скопје, лидерите на седумте парламентарни партии кои предводеа коалиции или самостојно обезбедија влез во парламентот во 2016 година. Работната вечера, според информации на 360 степени, ќе се одржи во рамки на новата сесија од дијалогот „Жан Моне“, која ќе почне в петок попладне, а ќе заврши в сабота, јавува 360 степени.мк

-Главна тема на дискусија се измените на собранискиот Деловник, што овој пратенички состав не успеа да ги донесе досега, а чија примарна цел е ограничување на времетраењето на конститутивната седница на парламентот, со цел да се превенираат настани како на 27 април 2017 година. Иако меѓу парламентарните партии има консензус конститутивната седница да не трае подолго од два дена, вклучително со изборот на претседател на Собранието, сега, според информациите од парламентот, главен камен на сопнување е тоа што и во Деловникот треба да се смени името на државата, односно Собранието во Деловникот да биде Собрание на Република Македонија. Тоа не е прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ.

По завршувањето на првaта дебата во петок, која ќе се одржи во една од собраниските сали, подалеку од законодавниот дом, предвидена е заедничка средба и вечера на партиските лидери со европарламентарците што доаѓаат во Скопје. На средбата се поканети претседателите на СДСМ – Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, на ДУИ – Али Ахмети, како и лидерите на ДПА, Алијансата на Албанците, Беса и на Алтернатива – Мендух Тачи, Зијадин Села, Биљал Касами и Африм Гаши. Според најавите, на вечерата, амбасадорот на ЕУ во Скопје Самуел Жбогар ќе има презентација на новата методологија за проширување на Унијата. Тој, деновиве, при презентацијата на приоритетите на хрватското претседателство со ЕУ во парламентот, посочи три приоритети на овој состав на законодавниот дом до неговото распуштање: донесување на законот за јавно обвинителство и на измените на Изборниот законик, според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, како и продолжување на процесите во рамки на дијалогот „Жан Моне“, пишува „360“.

Во овој формат, партиските лидери последен пат се видоа лани во октомври, на средба што ја иницираше претседателот Стево Пендаровски и која се одржа во неговата резиденција на Водно.

Во рамки на дијалогот „Жан Моне“, кон крајот на оваа седмица во Скопје доаѓаат неколкумина парламентарци од новиот состав на Европскиот парламент. Меѓу нив е и новиот известувач на ЕП за Северна Македонија Илхан Кјучук. Во дебатата ќе учествуваат и европратениците Андреас Шидер и Марион Валсман од Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Македонија.

Најнови вести