Познатиот писател на хорор романи предизвика бранувања во јавноста со неговите коментари за критериумите за доделувањето на наградите на Американската академија за филмска уметност и наука.
Кинг првично ги разгоре страстите на филмаџиите и на обожавателите со коментар на Twitter во кој напиша: „Кога гласам за некое остварување како член на Академјата, половата и расната разноликост воопшто не ги земам предвид во поглед на уметноста. Само квалитетот. Сметам дека секој друг начин е погрешен.“
Кинг може да номинира филмови во три категории: Најдобар филм, Најдобро адаптирано сценарио и Најдобро оригинално сценарио, па во таа насока, искоментираше за недоволната застапеност на жените и обоените уметници во годинашните номинации за Оскарите.
„Аман, Стивен, аман. Сметав дека си подобар од ова. Би требало да е очигледно дека разноликоста и квалитетот не се две одвоени особини, ниту пак се исклучуваат една со друга. Освен, можеби, во главата на еден фанатик“, искоментира писателката Нора К. Џемисин, која е Афроамериканка.
Со неа се сложија многу колеги кои изразија жалење што еден голем човек како Кинг може да има толку тесни сфаќања. Тие сметаат дека квалитет има насекаде, но дека поголемиот дел од индустријата верува во квалитетот на една демографска средина, објави The Guardian.
Кин потоа се дообјасни:
„Најважното нешто кое ние како уметници и креативци можеме да го направиме е да се потрудиме секој да има еднакви шанси, без разлика на полот, бојата на кожата и сексуалната ориентација. Во моментов овие луѓе се погрешно сфатени, не само во уметноста. Не може да освоите награда ако сте исклучени од трката за истата.“
Во неговиот есеј за весникот Washington Post тој истакнува дека неговите објави и коментари на социјалните мрежи биле извадени од контекст.
Тој всушност рекол дека оние кои одлучуваат за доделувањето награди треба да бидат слепи за какви било различности (расни, родови, демографски) меѓу уметниците. Писателот тврди дека не рекол дека филмовите, книгите, претставите и музиката што се фокусирани на различноста или нееднаквоста не може да бидат дело на креативен гениј. Можат и често се.
Кинг во есејот продолжува да ја образложува тезата дека судиите треба да се слепи, но дека ова не е совршен свет, бидејќи играта (Оскарите) е наместена во корист на белците.
Тој става акцент на „демографски нашминканиот процент на разноликост“ кај гласачите за доделувањето на Оскарите: 32% се жени и само 16% се од малцински групи.
„Оценувањето на нечиј труд по кој било друг стандард, освен потполна непристрасност, е навредливо и го поткопува трудот на сите исклучителни уметници. Не живееме во совршен свет, а годинашните номинации за Оскарире го потврдија тоа уште еднаш. Можеби еден ден ќе живееме во совршен свет? Можеме да сонуваме за тоа, нели? На крајот на краиштата, јас си го заработувам лебот со измислување приказни“, истакна Кинг.