Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија (РКЕ) ги демантира и отфрла наводите на Стевче Антовски, објавени во колумна на Курир.
Велат, со колумната „Регулаторна комисија за енергетика – стручност, независност и компетентност!!!“ објавена на порталот www.kurir.mk (https://kurir.mk/kolumni/regulatorna-komisija-za-energetika-struchnost-nezavisnost-i-kompetentnost/) ги доведувал читателите во заблуда сакајќи преку лажни обвинувања и измислени тези поврзани со сопствени лични убедувања да го нарушел кредибилитетот, независноста и стручноста на работењето на РКЕ.
Антовски прати одговор на ставот од РКЕ, а истиот го пренесуваме во продолжение:
Секогаш кога ќе излезе вистината на виделина, оној што се пронаоѓа „засегнат“прво што прави е неаргументирано да демантира и да се заканува со тужби. Во случајот со РКЕ да се извади со што е можно по комплициран речник изваден од Правилници и Документи за никој, ама никој од пошироката јавност да не го разбере што сака да сокрие.
Од тоа за што сум дуректно посочен стои дека сум ги доведувал читателите во заблуда „сакајќи преку лажни обвинувања и измислени тези поврзани со сопствени лични убедувања да го нарушел кредибилитетот, независноста и стручноста на работењето на РКЕ.“
А токму за тоа и се работи, за нарушениот кредибилитет, независност и стручноста на РКЕ, ама од ваша страна. И тоа е детално објаснето.
Но нејсе, ме прозвавте и должен сум на јавноста уште еднаш да ве изведам „на чистина“.
Жалам што со тоа ви предизвикувам несоница и немир, ама за тоа требаше да мислите пред да се случат сите недозволени работи кои ги набројав како состојби. Искрено, не би сакал да сум во ваша кожа, а и никогаш не би се ставил во таква позиција да барам извинување бидејќи, како што вели поговорката „пред аргументите и боговите молчат“.
Веднаш би се извинил да не беа овие неоспорни аргументи.
Наместо ЕЛЕМ да го добие тендерот и да стане Универзален снабдувач, раководството одлучува АД ЕЛЕМ на приватниот монопол ЕВН односно EVN Homе да му продава електрична енергија по неверојатно ниска цена од 34,5 ЕУР за MWh.
Што да се каже на ова? Свесно, со депласирана и непазарна цена се уништува АД ЕЛЕМ, која што е државна компанија, а реакција од вас- немаше. Единствено пофалби од ваша страна дека сте го либера-лизирале пазарот со електрична енергија. Секоја чест на идејата- сето тоа врз грбот на ЕЛЕМ!
Понатаму „Во ЕЛЕМ пак ситуацијата е уште подраматична. После празнењето на акумулациите среде лето и продавање на вишоци електрична енергија за нечии бизнис инереси се случуваат нови трагични дејства. Пред Нова година потпишаа милионски тендери изразени во евра со „реномирани“ фирми за ископ на јаглен, а сега објавуваат тендер за набавка на сопствена механизација за ископ на јагленова руда и тоа истиот тендер кој што веќе објавен го поништија кога дојдоа на власт.“
Зошто сето ова кога дури и во Стратегијата за развој на енергетиката во следните десетици години, експертите од СДСМ предвидуват според т.н. зелено сценарио затворање на РЕК Битола до 2025. Каде е вашата реакција на сето ова? Нели сте надлежни согласно Закон да реагирате на вакви небулози?
Вие во демантот самите истакнувате по кои начела работите. Во начелата утврдени во член 28 став (4) од Законот за енергетика стои:
-
Урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и потрошувачите,
-
Заштита на потрошувачите и корисниците на системот од каква било злоупотреба на доминантната позиција на пазарот,
-
Креирање на мерки за поттикнување на ефикасно работење на вршителите на енергетски дејности,
-
Вршителите на енергетски дејности да ги надоместат оправданите трошоци, како и да стекнат соодветен принос на капитал,
-
Финансиски средства неопходни за инвестиции со кои ќе се обезбеди одржливо и сигурно функционирање на енергетските системи,
-
Отстранување на вкрстените субвенции меѓу групите потрошувачи и прелевање на приходите и трошоците при вршење на регулираните и/или нерегулираните енергетски дејности, и
-
Надоместување на трошоците за набавка на енергија за покривање на загубите во соодветниот енергетски систем, имајќи ги предвид плановите и динамиката за намалување на загубите што операторите на системите ги доставуваат за одобрување до Регулаторната комисија за енергетика.
Лани на први јули РКЕ носи Одлука со која што цената на дистрибутивната тарифа ја зголемува за околу 7 проценти. Но, за да не го сетат тоа граѓаните преку сметките за отприлика 14 проценти ја намалува преносната тарифа на МЕПСО при одредување на цената која што на крајот ја плаќаат сите граѓани на Македонија. Секоја чест на идејата- сето тоа врз грбот на МЕПСО!
Па навистина очекувам, а граѓаните тоа го заслужуваат, да не се криете зад Правилници, туку директно да одговорите, што е лажно во овој или овие факти? Што е страшно и што граѓаните смеат или не смеат да знаат за работата на РКЕ?
Но ве молам, овој пат, избегнете го вокабуларот од вашиот демант, пренесете ја сликата онака за секој да разбере што се случува во енергетскиот сектор. Се поинаку е само криење зад правилници за работа спротивно на „кредибилитет, независност и стручност на РКЕ“.
Или напросто, доколку ви се врзани рацете – пишете го и тоа јавно.