петок, 29. декември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Нè нападнаа, па молчат: Нови докази дека ЈСП лаже и наместо со безбедноста на патниците се занимава со притисок врз медиуми!

Нè нападнаа, па молчат: Нови докази дека ЈСП лаже и наместо со безбедноста на патниците се занимава со притисок врз медиуми!

Откако завчера КУРИР објави вест под наслов „Автобус на ЈСП во очајна состојба, ризик за патниците и минувачите“  вчера реагираа од ЈСП. Ние нивна реакција, навистина очекувавме, но мислевме дека во истата ќе информираат дека автобусот е поправен, дека се извинуваат на патниците и дека ќе се обврзат таква грешка да не се повтори.

Но, од ЈСП вчера пласираа лаги, ни се закануваа со тужба, нè советуваа што и како треба да пишуваме.

Прво, ве потсетуваме на нашата вчерашна реакција на нивниот демант, а потоа ги пласираме доказите дека ЈСП напаѓа со цел да изманипулира. Свесни дека со тоа од претпријатието не ги лажат новинарите, туку граѓаните.

Текстот на КУРИР беше објавен со цел ЈСП да се свести и конечно да посвети внимание за грижата на патниците.

Имено, соопштението на ЈСП кое вчера како демант стигна до нашата редакција е безобразен обид да се изманипулира јавноста, а тоа да се префрли на грбот на нашиот медиум. Не е прв пат од страна на нивниот сектор за односи со јавност да добиеме дрзок одговор, но досега не сме реагирале.

-Во конкретниов случај, станува збор за фотографија стара речиси 8 месеци! Автобусот на фотографијата се упатува во СВР Скопје на вештачење. Фотографираниот автобус е еден од двата автобуса кои превезуваа навивачи на полската фудбалска репрезентација кои МВР ги приведе и одвезе на распит, не со марици, туку со две наши возила, по дивеење во Градски парк. Настанот се случи на 7.06.2019 години два часа пред почетокот на квалификацискиот фудбалски натпревар на македонската и полската репрезентација. Искршената врата на автобусот е резултат на дивеењето на приведените навивачи и во автобусот, пишува во соопштението на ЈСП кое вчера пристигна до нашата редакција.

И, почитувани читатели, замислете, откако во вчерашното соопштение ЈСП тврди дека објавуваме стара слика, што ве уверуваме дека не е вистина, на крај ни се закануваат и со тужба. Во меѓувреме, имаат и обид да ни одржат лекција по новинарство со што директно се вмешуваат во содржината која се објавува на КУРИР, но најдобро би било да се посветат на својата, а не на нашата работа.

-Во интерес на понатамошна професионална и коректна соработка, за која сме постојано отворени во секој поглед, бараме овој демант да биде објавен во целост. Во спротивно, ќе бидеме принудени да ги преземеме сите правни дејствија во интерес на вистината, ни порачуваат од ЈСП.

Сега, порака до ЈСП имаме и ние.

Почитувани, НЕ ЈА ЗБОРУВАТЕ ВИСТИНАТА. Објавената фотографија е сликана завчера, во близина на Железничката станица во Скопје.

Подготвени сме да ви го доставиме мобилниот телефон од кој е фотографиран автобусот во очајна состојба, за кој треба да проверите кој дозволил да се движи по улиците и да претставува опасност по безбедноста на граѓаните!

Најдете стручно лице, нека направи проверка кога е создадена фотографијата. Откако ќе сфатите дека НА ЛАГАТА НОЗЕТЕ СЕ КУСИ, ќе им се извините ли на граѓаните? Нас не мора!

Вие, почитувани од ЈСП, по веста на КУРИР сигурни сме дека сте направиле проверка. Уште посигурни сме дека вашиот дрзок демант го напишавте за да го тргнете прстот вперен кон вас бидејќи сте одговорни за очајната состојба на автобусите.

Тврдите дека нашата фотографија која е фотографирана завчера е стара 8 месеци. Бидејќи ние тврдиме дека фотографијата е направена завчера, а вие тврдите дека полските навивачи го демолирале автобусот во јуни минатата година, имаме многу поголем проблем од оној кој го објавивме вчера.

Значи, почитувани од ЈСП, не еден ден како што мислевме, туку цели 8 месеци ваков автобус сте пуштиле да сее страв за безбедноста на скопјани!

Не се истите автобуси!

Во вчерашниот дрзок демант, ЈСП тврди дека со скршениот автобус кој во средата се движеше низ Скопје, се превезувале полските навивачи кои дивееја низ градот во јуни минатата година.

„Фотографираниот автобус е еден од двата автобуса кои превезуваа навивачи на полската фудбалска репрезентација кои МВР ги приведе и одвезе на распит, не со марици, туку со две наши возила, по дивеење во Градски парк“-велат од ЈСП.

Тргнувајќи од вашата официјална изјава дека полски навивачи се превезувале со два автобуси, ние ги најдовме автобусите. Но, од тие два, ниту еден не е оној од завчера.

Почитувани читатели, проценете сами дали ЈСП свесно или несвесно ве манипулира.

Автобусот кој завчера искршен возеше низ Скопје е со сериски број 886.

Еве ги автобусите кои превезуваа хулигани од Полска:

Едниот со сериски број 898 и затемнети стакла, што не е случај со автобусот кој ние го објавивме.

Вториот со целосни врати, неуништени од полските навивачи како што тоа го тврдеше ЈСП. Овој автобус има предна и средна врата, а оној за кој ние пишувавме има три врати.

На нашата фотографија од средата, за која ЈСП тврди дека е направена во јуни, дрвјата се суви и немаат листови, а нашата сограѓанка, случаен минувач, носи јакна! Ќе признаете, тоа не е баш својствено за лето.

ЈСП во демантот, сакајќи да го потцени КУРИР наведува:

„Напоменуваме дека ниту вчерашниот текст, нито било кој текст во иднина базиран на непроверени информации, нема да биде причина актуелното раководство да потпадне под влијание на лажни вести, вести инструирани од одредени центри, шпекулации, вести еднострано преземени од социјалните мрежи, наводни читатели“.

Да го образложиме секој детал од тоа што ЈСП го тврди, а не е вистина. Веста не е лажна, а тоа веќе понудивме да го докажеме со мобилниот телефон од кој е направена фотографијата. Веста не е инструирана од центри, туку од новинари чија главна цел е да ги претставуваат граѓаните и нивните проблеми. Веста не е шпекулација, туку вистина и за тоа имаме доказ, тоа ЈСП многу добро го знае. Веста не е еднострано превземена од социјални мрежи, туку напишана од новинар откако ја доби ексклузивната, загрижувачка фотографија.

И за ова последното. КУРИР нема “наводни“ читатели. КУРИР е најчитан интернет портал во Македонија, неоспорен и докажан факт кој на многумина им пречи. КУРИР има огромен број на посети дневно, со што информациите кои ги објавуваме сигурно стигнуваат до стотици илјади граѓани.  Дали тоа му пречи на ЈСП? Бидејќи информациите дека тие не водат грижа за безбедноста на патниците им ги пренесуваме на граѓаните.

Почитувани од ЈСП, не ни одговоривте. Не се извинивте. Не признавте дека лажете.

Нè обвинивте дека го рушиме вашиот углед и се заканивте дека ќе бидеме тужени. А што ќе превземете откако обелоденивме дека за да ја сокриете својата неспособност сакавте да нарушите углед на  портал кој е наградуван? КУРИР, за ваша информација, останува број 1 портал во Македонија и повторно доби златен медал за квалитет од QUDAL.

Според истражувањето на швајцарската агенција, Kurir.mk веќе шеста година по ред е интернет порталот кој нуди најголем квалитет. Во истражувањето е  оценето дека „Интернет страницата со содржина на македонски јазик Kurir.mк нуди апсолутно највисоко ниво на квалитет меѓу сите интернет портали во Република Македонија“.

Нема да дозволиме какви било притисоци и закани да застанат на патот на пренесување на вистината и информирање на граѓаните.