На покана на на Македонската добротворна организација од Австралија (MCWA), Поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов ќе биде покровител на неколку настани од добротворен и хуманитарнен карактер кои ќе се одржат овој и следниот викенд во Мелбурн и во Сиднеј.
Настаните се организирани од неколку организации на македонската дијаспора од Мелбурн и Сиднеј и се за поддршка на повозрасните лица од македонската заедница во Австралија.
Поранешниот претседател Иванов со подршка на овие хуманитарни активности се очекува да ја подигне свесноста за можноста да се помогне и придонесе за подобар третман на повозрасните лица од македонската заедница.
Сите овие настани се поттикнати од фактот дека австралиската влада веќе има започнато промени и воведено реформи за поддршка и нега на возрасни лица од сите заедници кои живеат во државата.
Се очекува од овие настани поранешниот македонски претседател Иванов да испрати и порака за обединување на Македонците, апел дека сите треба да бидат единствени и сплотени и дека Македонската заедница може да биде успешна, силна, прогресивна и просперитетна и да го јакне македонскиот етнички идентитет со тоа што ќе го јакне културниот, но и социјалниот придонес во австралиското општество.
Покрај традиционалните вечери кои е планирано да се одржат на 22 во Мелбурн и на 28 и 29 февруари во Сиднеј и Волонгог на кои што Иванов ќе има можност да се сретне со македноската дијаспора планирани се и повеќе активности како посета на училиште финансирано од Австралиската влада а во кое наставата се одвива на македонски и англиски јазик,посета на детска болница, посета на општината Вителси и средба со градоначалничката од македонско потекло г-ѓа Емилија Лиза Стериовска, посета на седиштето на MCWA и средби со фокус социјални групи, средби со преставници на македонската бизнис и академска заедница и уште неколку активности од хуманитарен карактер.
Посетата на Иванов на Австралија ќе заврши на 1 март, на средба со Македонците во Сиднеј на настан организиран од страна на Сиднеј Македонија фудбалски клуб.