Репортерите без граници во својот најнов извештај ја рангираше Македонија на 92-то место со средна оценка од 31,28 поени.
Нашата држава на оваа ранг листа е полоша дури и од Гамбија, Хаити и Киргистан, а во изв ештајот се потенцира дека високи владини претставници не престануваат да се закануваат и навредуваат новинари.
Репортери без граници забележуваат дека на општините им е дозволено да се рекламираат во локалните медиуми и со тоа да задржат средство за нивно контролирање. „Друга ризична одлука на владата: купување реклами во медиумите за запознавање со достигнувањата на владата“, стои во извештајот и се додава дека Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ја осуди оваа практика.
Тие констатираат дека физичките напади врз новинарите иако се смирија „за жал, традиционалните закани и навреди од високи функционери кон печатот остануваат силни, а сајбер-нападите се во пораст“ пишува во извештајот.
Според слободата на медиумите, од соседството пред Македонија се Грција на 65-то, Косово на 70-то и Албанија на 84-то место. Следна е Србија, на 93-то место, Црна Гора на 105-то и Бугарија на 111-то место.
Прва на листата е Норвешка, а по неа се Финска, Данска, Шведска и Холандија. Последни се, на 177 место, Кина, Еритреја и Туркменистан.