Република Македонија како земја кандидат за членство во Европската унија, ја следи политиката на ЕУ и нивните одлуки донесени по пат на консензус и на ниво на ЕУ. Со оглед на тоа дека одлуките за протерување на руски дипломати не претставуваат израз на усогласени ставови на сите земји-членки на ЕУ, туку се работи за индивидуални одлуки на поедини земји-членки, претседателот на РМ смета дека одлуката на македонското МНР е избрзана.
Ова се наведува во ставот од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов во однос на одлуката на МНР за протерување руски дипломат.
– Претседателот на Република Македонија повикува на воздржаност од избрзани чекори во надворешната политика, за да се спречи можното нанесување на штета во остварување на стратешките цели на Република Македонија, се наведува во ставот од претседателскиот Кабинет.
Се додава дека претседателот на РМ, согласно позитивната законска регулатива, очекува да биде официјално информиран за посочените факти во јавноста, поврзани со овој случај.
МИА