петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Земјоделците бараат да се задржи сегашната откупна цена на зелката

Земјоделците бараат да се задржи сегашната откупна цена на зелката

Во наредните две недели да се задржи откупната цена на пролетната зелка на сегашните 30 денари за да се покријат трошоците и производството да биде рентабилно, побараа земјоделците на денешната средба во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Според нив, секојдневно треба да се следат откупните цени на зелката на странските пазари, да се прават анализи, а потоа заеднички со откупувачите да се договара откупната цена во интерес на двете страни.

Пролетната зелка во моментов се извезува во Русија, Полска, Романија, Белорусија и Украина. Интересот за откуп е голем, поради што не се очекува вишок.

На состанокот, посебната советничка за земјоделство на премиерот, Ленче Николовска, рече дека состојбата се следи континуирано, но паралелно се работи и на долгорочна стратегија за обезбедување сигурен пласман и на создавање цврсто договорно производство меѓу земјоделците и откупувачите.

– МЗШВ ќе прави неделна анализа на цените на зелката на странските пазари, но и на побарувачката. Состојбата со откупната цена ќе се следи континуирано за навреме да се преземаат мерки, а земјоделците да не трпат ценовни шокови. МЗШВ интензивно работи и на развој на градинарството како земјоделски сектор преку субвенциите за мерките од Програмата за финансиска поддршка и на промоција и отворање нови пазари за македонските земјоделски производи, информираа од Министерството.

За да одржи откупната цена на зелката на задоволително ниво, деновиве ќе се одржи средба и со откупувачите на пролетна зелка.

Состанокот во МЗШВ со производителите е ден по предупредувачкиот протест што се одржа во Муртино. (МИА)

Најнови вести