вторник, 30. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Наумовски во интервју за КУРИР: Сведоци сме дека нашата влада за клучните надворешно-политички прашања преговарала и на паркинзи во Дојран

Наумовски во интервју за КУРИР: Сведоци сме дека нашата влада за клучните надворешно-политички прашања преговарала и на паркинзи во Дојран

Универзитетскиот професор и поранешниот вицепремиер за европски интеграции и амбасадорот во САД Васко Наумовски во интервју за КУРИР вели дека Бугарија е сериозна држава и невозможно е било која нивна Влада да се откаже од овие условувња кои се актуелни во изминатиов период.

Бугарија со официјален документ бара исфрлање на терминот „македонски јазик“ и воведување на нов термин „службен јазик на Република Северна Македонија“ како услов за да ја поддржи евроинтеграцијата на Македонија. Зошто власта го криеше овој документ?

Веројатно тоа може да се поврзе со потребата да се минимизираат негативните ефекти од овој документ за власта, особено во предизборен период во каков што се наоѓаме. Сепак, тешко е да се скрие нешто што е дел од официјалната документација, објавено на интернет страниците на европските институции и на институции на некои од нејзините држави-членки. Впрочем, овие аспекти не се нешто ново, туку тие својата основа на имаат во толкувањето на билатералниот договор од 2017 год., а се јасно наведени и во Рамковната позиција на бугарската влада за проширувањето на ЕУ, и последователната Декларација на бугарскиот парламент од октомври 2019 година. Оттаму, нејасно е зошто многумина, а особено од власта, сега се изненадени од овие позиции, бидејќи тие уште тогаш беа транспарентно претставени, и поддржани од сите политички партии во Бугарија. Бугарија е сериозна држава, и невозможно е која било нивна влада, сега или во иднина, да ги прескокне овие позиции. Ова условување е реалност, а со прикривање на реалноста – истата нема да ја промениме.

Конечно излегуваат ли на виделина штетните одредби од договорот за пријателство и добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија?

Кога се работи за преговори за за меѓународни договори, природно е тој процес да биде инклузивен, да ги вклучи сите експерти во областите коишто се предмет на договорот, како и да се обезбеди широка поддршка од политичките партии. Со цел да биде долгорочно поставена и успешна, надворешната политика треба да биде ослободена од различни партиски толкувања, односно да биде, колку што е можно, поддржана од најзначајните политички фактори. На тој начин, и самата влада ќе има посилни преговарачки позиции, а сите партии ќе имаат удел во успехот или неуспехот од процесот. Наместо тоа, сведоци сме дека нашата влада за клучните надворешно-политички прашања преговарала и на паркинзи во Дојран. Несериозниот пристап, тежнеењето да се затворат прашањата што побрзо, и дневно-политичкиот пристап во надворешната политика ги даваат овие резултати.

Во конкретниот случај, ќе споменам само една изјава на бугарскиот министер за одбрана, Каракачанов, кој пред неколку месеци даде интересен опис: “Македонските политичари на маса се многу добри Бугари, но станува тешко кога треба да се донесат одлуки“. Односите со Бугарија ниту започнале, ниту ќе завршат со овој Договор, и нужно е да имаме долгорочен пристап во односите со оваа соседна држава. Прашањата што се дел од овие односи не се дел од дневната политика, и би било потребно да се поставиме крајно сериозно, без импровизации, и со искрени намери – кон себеси и кон соговорниците.

Дали можеби притисокот на Бугарија е една од причините зошто уште не е одреден датум за почеток на преговорите со Македонија?

И покрај сите очекувања, најави, дури и прослави – ние датум немаме. Имаме одлука дека преговорите треба да започнат, а датумот е оставен за подоцна. Да потсетиме, досега секоја одлука за почеток на преговорите со другите држави беше придружена со конкретен датум, а за нас тоа не е случај.

Потребата од нова методологија за преговори, меѓу другото, беше образложена и со потребата од поголема улога на државите-членки во самото проширување – затоа сега постои посилно политичко влијание, и систематска вклученост на членките во самиот процес. Сега ние имаме јасна позиција на една држава дека постои услов за одобрување на т.н. преговарачка рамка (што во суштина е рамка за целиот процес на преговори) и одржувањето на првата меѓувладина конференција, односно конкретниот почеток на преговорите. Не би можеле да бидеме сигурни кои се целосните аспекти на оваа ситуација – одлука за преговори без датум, но можеме да претпоставиме дека резервите на една или повеќе држави-членки се меѓу можните причини.

Зошто власта се обидува да го релативизира ова барање на Бугарија со тоа дека тоа било изолиран став на една членка, а не официјален став на Унијата?

Начинот на одлучување во Европската унија, поврзан со проширувањето, е со конензус од сите држави-членки. Ставот на една држава може да го измени ставот на Унијата, односно да блокира носење на една одлука. Официјалните ставови на Унијата мора да бидат едногласни, одобрени од сите држави-членки, без исклучок. Советот на ЕУ е меѓувладина институција, неговите одлуки се резултат на позициите на владите на државите-членки. Ние имавме ситуација кога една држава нè блокираше десет години, со своја унилатерална позиција, изолирана од останатите држави-членки на ЕУ. Сите држави беа “за“ преговори, но Грција беше “против“. И токму позицијата на таа, само една држава, го оневозможуваше почетокот на преговорите со години. Со таа разлика што тогаш немавме официјален писмен документ во ЕУ со којшто се условуваат преговорите со промена на името, туку тоа секогаш беше толкувано преку фразите за добососедски односи или решавање на отворените прашања. Овојпат имаме јасна позиција, што е дел од официјалната документација за прашањето. Доколку била само унилатерална позиција без значење за процесот – таа би останала само во бугарските институции, и не би била приложена кон основниот документ на ЕУ. Оваа позиција на Бугарија е само најава кои ќе бидат условите за нејзината поддршка во сите наредни чекори.

Точно е дека Бугарија се согласи со одлуката за почеток на преговорите, и тоа, на национално ниво е направено токму со истите гореспоменати документи на нивната влада и парламент од октомври 2019 година, во кои се наведени и условите. Вистинското прашање е дали ќе се согласи со следните чекори: текстот на Преговарачката рамка и одржувањето на првата и следните меѓувладините конференции, односно со отворањето и затворањето на тематските кластери и поглавјата. На тие конференции учествуваат претставници на сите држави-членки, и ние во суштина ќе преговараме со нив. Позициите на Бугарија од октомври 2019 год. веќе ги имаат условено следните фази: одобрување на Преговарачката рамка и првата меѓувладина конференција; одржувањето на втората меѓувладина конференција; поглавјето 35 (“Други прашања“); поглавјето 10 (“Информатичко општество и медиуми“); одобрувањето на идниот договор за пристапување на Македонија во ЕУ; неговото потпишување; како и неговата ратификација од страна на Бугарија. За сите нив веќе постојат наведени услови, прецизирани во документите на бугарската влада и парламентот.

Самиот процес е составен од носење на повеќе одлуки, и секоја од нив може да биде блокирана од која било држава-членка. Давањето согласност за почеток на преговорите не е и согласност за нивно непречено одвивање, уште помалку за нивно затворање. Не е ништо ново една држава да блокира одлуки внатре во ЕУ, а таквите ситуации се добри познати и во процесот на проширување. Преседанот со кој беше дозволено билатерални прашања да влијаат на проширувањето – за жал и понатаму ќе овозможува вакви состојби. Јасно е дека доколку сакаме да избегнеме вето од Бугарија, отворените прашања ќе мора да бидат затворени – или на почетокот на преговорите, или во некое од поглавјата во нивниот подоцнежен тек.

Ние можеме да велиме дека тоа не е фер, не е добрососедски и европски, или да се самосожалуваме – но тоа нема да ни помогне. Условувањето ќе продолжи во текот на сите години пред нас, се додека не станеме полноправна членка, и тоа е клучната алатка со којашто државите-членки ги штитат своите интереси. Која ќе биде цената што ќе треба да ја платиме – останува да видиме.

Најнови вести