петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Колумна на Божиновски: МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ПОСТОИ СО СВОЈОТ ЈАЗИЧЕН ИДЕНТИТЕТ!

Колумна на Божиновски: МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ПОСТОИ СО СВОЈОТ ЈАЗИЧЕН ИДЕНТИТЕТ!

 

Блаже Конески своевремено напиша: „Фалсификаторството на соседите е единствениот приод во комуницирањето со јавноста“.

Барањето од Македонија да се откаже од македонското малцинство е ДРСКОСТ, од именувањето на македонскиот народ како македонски – ПОНИЗНОСТ, а да се откаже од македoнскиот јазик е ЕРЕС!

Македонскиот јазик нам ни е единствениот културен континуитет и идентитет низ вековите.

Македонскиот јазик е наше идентификациско, национално и етничко обележје.

Уште како демонстратор по предметите Дијалектологија на македонскиот јазик 1 и 2 и надворешен соработник на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје она што најнапред им укажував на студентите, а сега и на учениците во 4 година средно образование е дека државните граници не се поклопуваат со лингвистичките кога станува збор дијалектната диференцијација на македонскиот јазик.

Македонскиот дијасистем е еден и единствен, а тоа сме го потврдиле со своите теренски истражувања спроведени во Пиринскиот и Егејскиот дел на Македонија. Во рамките на југоисточното наречје спаѓаат две групи: едната источната група говори каде што спаѓа и помалата дијалектна целина: малешевско-пирински (меѓу кои и Благоевград, Разлог, Банско, Сандански на територијата на Бугарија) и другата, јужните говори: солунско-воденските, серско-лагадинските (меѓу нив и Гоце Делчев – Неврокоп на територија на Бугарија) и костурско-корчанските говори.

Македонскиот јазик низ целиот свој историски развиток оформил многу нови карактеристики менувајќи ја граматичката структура со што го оддалечувале од останатите јужнословенски јазици. Особено од бугарскиот јазик каде што битно е тоа дека се разликува во фенетиката односно според изговорот на гласовите и акцентот, но и во лексиката.

Свесно ли се бара да се брише македонскиот јазик, македонскиот народ и македонското малцинство во соседните држави?

Ниту македонскиот јазик, ниту македонскиот народ не се создадени со Уставот и не може македонскиот јазик да не е изделен како своја посебна независност од Уставот и да се сведува на уставна категорија спротивно на тоа дека македонскиот јазик е припадност на македонскиот народ како неотуѓив и неотстапен.

Објективно и засновано на автентични докази и докази засновани на историски извори јасно е докажана македонската историја, народ, јазик и на крајот македонскиот идентитет.

Далеку од разумот и целата научна и лингвистичка мисла е крајната цел на Бугарија со која сака да докаже дека во 9 век јазикот зборуван на територијата на денешните Бугарија и Македонија е признат за официјален словенски јазик и дека еваулуира, ги губи падежите и инфинитивната форма, но се здобива со членувањето и е бугарски јазик и дека по наредба на царот Борис 1, Климент и Наум ги отвораат книжевните центри и ги просветуваат учениците на тој јазик.

Единствената вистина е дека македонските говори од селата Сухо, Висока и Зарово во Солун ја даваат основата на старословенскиот јазик.

Ниту Плиска, ниту Преслав, ниту титулата Епископ не успеваат учениците да ги предомислат во тоа, туку напротив тие се доследни на азбуката на своите учители што со Сараценската, Хазарската и најповеќе со Моравската мисија го ширеа старословенскиот јазик и неговото писмо. Токму во Охриската книжевна школа се учи на глаголица, а падежите се задржуваат и среќаваат дури до 13 век.

Калимановата грамота од почетокот на 16 век и Трескавечкиот кодик се најубави примери како грамотите (правноадминистративни текстови за имотната сопственост на манастирите) и кодиците (записи за дарители на манастирите) напишани на македонски народен јазик го покажуваат отпорот спрема туѓите црковнословенски власти и самостојноста на македонската црква во минатото преку употребата на македонски народен јазик.

Низ целиот период македонскиот јазик станува основен белег на македонскиот културен и национален идентитет. Тоа го забележуваме и кај Македонистите со своите јасни и отворени македонски идеи за одделен македонски народ со сопствен македонски јазик.

А на крајот кодификацијата е само озаконување на живото зборување на македонскиот народен јазик и негово издигнување на рамниште на стандарден јазик.

Денешните карактеристики на македонскиот јазик се резултат од неговите генеалошки, типолошки и ареални карактеристики како јазик од словенски (јужнословенски) и флексивен тип, во Балканскиот јазичен сојуз.

Денес зборуваме за македонскиот јазик со современа терминологија, експресивна лексика и фразеологија, како повеќефункционален во кој се застапени: научниот, уметничколитературниот, публицистичкиот, административниот и разговорниот функционален стил.

Радува неоспорниот факт што македонскиот јазик како стандарден и официјален јазик на Република Македонија и на синхрониски и дијахрониски план има свој идентитет.

Но тажен е и растажува молкот на научните и образовните институции. Што се случува со нивната будност кога е најпотребна за македонскиот народ и граѓаните на Македонија. За непримерните и недолични политичари од власта одамна веќе знаеме дека не се подготвени да ги бранат македонските интереси.

Затоа со реформи на образованието и зацврстување на научната мисла да си ја вратиме надежта, моралот и интегритетот!

Перчо Божиновски, професор по македонски јазик и литература

Најнови вести