До крајот на овој век би можеле да пронајдеме вонземјани, тврди доктор Џил Тартер, директор на СЕТИ програмата (Search for Extraterrestrial Intelligence – Потрага по вонземска интелигенција), која се занимава со потрага на интелегентни облици на вонземски форми на живот.
На предавање на Технолошкиот универзитет во Флорида таа наведе дека нашата потрага во моментов личи на отцрпување на чаша вода од океан.
– Се наоѓаме во огромно пространство. Нашето Сонце е само една од 400 милијарди ѕвезди во галаксијата Млечен пат. А нашата галаксија е една од 200 милијарди други галаксии во видливиот универзум, нагласи Тартер.
Според неа прашањето за живот надвор од Земјата е едно од древните човечки прашања.
– Се занимаваме со навистина древно прашање, но веќе до крајот на 21-от век би можеле да имаме одговор на прашањето дали сме сами во универзумот, истакна таа.
Тартер смета дека напредокот на технологијата ќе не донесе до нови сознанија во истражувањето на универзумот.
– Можеме да произведеме серија од 96 обични и инфрацрвени камери и да ги поставиме на 12 локации на планетата. Со нив буквално би го покриле целото небо и постојано би можеле да гледаме доколку се појави нешто необично, потенцира директор на СЕТИ програмата.
Доктор Џил Тартер целиот свој живот ја истражува оваа област поради што магазинот „Тајм“ ја вброи во стоте највлијателни личности во светот, а ликот што Џуди Фостер го глумеше во филмот „Контакт“ е заснован врз неа.