На високообразовните установи, покрај веќе утврдените услови, ќе можат да се запишат и учениците од завршните години од учебната 2019/2020 година со дипломата од завршено средно образование, објави министерот за образование и наука Арбер Адеми.
-Ги уредивме и уписите во оваа академска година на високообразовните установи, покрај веќе утврдените услови ќе можат да се запишат и учениците од завршните години од учебната 2019/2020 година со дипломата од завршено средно образование, објави Адеми на својот Фејсбук-профил, соопштувајќи дека Владата на седница ги усвоила уредбите за основното, средното и виското образование со кои се обезбедува непречено функционирање на воспитнообразовниот систем.
Адеми ги наведува и одлуките кои Владата ги донесе во четвртокот – укинување на државната матура, училишната матура и завршниот испит за учениците од завршните години запишани во оваа учебна година, учениците од основните и средните училишта не се враќаат во училишните клупи односно наставата до 10 јуни ќе заврши по пат на далечинско учење, а уписот на првачињата за учебната 2020/2021 година ќе се врши во јуни наместо во мај.