среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Инспектор Ѓорѓи Илиевски: Просветната дејност во Дебар и дебарско  

Инспектор Ѓорѓи Илиевски: Просветната дејност во Дебар и дебарско  

Кога Охридскиот архиепископ Јован Дебарски го изградил манастирот Свети Јован Бигорски во 1020 година, во него отворил ќелијно училиште, во кое децата учеле на старословенски јазик и писмо. Цели девет века никогаш, ни во манастирот, ниту во Дебар, немало грчко училиште, иако турската власт признаваше само „рум милети“. Во училиштето во манастирот Свети Јован Бигорски учеле деца од југозападна Македонија за духовници и учители.

Некои од нив за да се стекнат со големо знаење оделе во Зографскиот манастир во Света Гора. Од таму се враќале со знаење за свештеници, архимандрити, епископи, учители по манастирите и по градовите. Во 1840 година, за прв пат во Дебар е отворено училиште во градот и за Дебарскиот крај. Арсениј Алексиев во книгата „Етнографски белешки“ објавена во 1915 година, на страна 4 пишува, дека, прв учител што го основал училиштето бил Милан Пајков од село Клење-дебарско. По него учителствувал свештеникот Велјан од село Броштица-дебарско, Хаџи Теофил Аврамов од село Лазарополе-дебарско ( од 1874 до 1876 година). Кипро од с.Врбница, поп Тасе, поп Арсо Мартинов, поп Трпе Симоновски, Стрезо од село Галичник и Спасе од с.Гари дебарско (1883 година). Потоа учители биле монахот Алексеј од Галичник и попот Лев од Охрид. Црковно-училишната општина во градот била основана од свештеникот Хаџи Теофил, најверојатно во 1883 година.

 Дебар од крајот на 19 век и во првата половина на 20 век

Во овој  период во Дебар и неговата поширока околина силно бил изразен судирот за престиж и влијание помеѓу Егзархијата и Патријаршијата. Притоа преку Егзархијата се спроведувало бугарско влијание меѓу македонското христијанско население, а преку Патријаршијата-грчкото. Меѓутоа треба да се нагласи дека, откако грчката држава ги редефинирала своите претензии кон Османлиска Македонија,  дека во патријаршиските цркви  кои се наоѓале  надвор од грчката интересна свера на владици почнале да се именуваат Срби, кои станале носители на српската пропаганда во Македонија. Во таа смисла на чело на Дебарската патријаршиска митрополија за владика  бил именуван Србин. Присуството на двајца владици со различни и спротивни политички тенденции во овој регион, го продлабочувал јазот кај македонското христијанско население и истовремено го гушел развојот на македонската национална мисла.

Во овој период во Дебар како егзархиски митрополит делувал архимандритот Козма. Тој претходно бил претседател на солунската егзархиска општина, а во 1887 година бил претседател на Битолската  егзархиска општина. Додека пак, од името великосрпска пропаганда делувал  велешко-дебарскиот митрополит Поликарп (до  1912 година). При такви околности, македонските православни христијани во дебарско биле сместени и запишувани како Бугари, или  Срби, зависно од тоа кој под чија црковна јуриздикција бил и во кои  училишта  ги праќал децата. Притоа многу честа била појавата заради одредени  ветувања, луѓето често да преминуваат од една кон друга црква, или од Бугари да станат Срби и обратно. Токму таа појава најдобро објаснува дека тие небиле ниту едно, ниту друго, туку посебен народ. Кој за да преживее морал да се определува за едните, или другите.

Така според податоците од 23 февруари  1923 година,  од извештајот  на дебарско-велешкиот митрополит Поликарп, бројноста на  на населението во контекст на припадноста на егзархиската и патријаршиската црква, односно оние кои биле   под влијание  на бугарската пропаганда изгледало вака: Во Дебар имало 350 куќи, од кои 332 биле бугарофилски и 18 србофилски. Исто така, српските црковни власти запишале дека  Дебарската епархија има 2262  српски домови, додека како бугарски се забележани 5464 домаќинства.

Повеќето свештеници и учители од Дебарскиот округ припаѓале кон Егзархијата. Исклучок било селото Мелничани и мал дел од населението од Дебар. Но. сепак, под тоа долгогодишната османлиска управа и под силното влијание на Бугарија и Србија, единствено позитивно било тоа што Македонија не била поделена и таа останала како целина. Религијата во парохијата била значително присутна, верувањето во Христа духовно го одржувало населението. Македонците христијани живееле заедно со нивните со селани кои по вера биле муслимани, притоа немало проблеми, заеднички ги решавале несогласувањата ако дојдело до нив, заедно се дружеле, помагале, заеднички се веселеле и заеднички тагата ја примале.

Во последните години од 19 век во Дебар и Дебарскиот крај имало цркви и  училишта и по  селата.

Дебарската црковно-училишна општина и разните пропагандни влијанија

Со поставувањето на свештеникот Теофил во 1884 година за прв егзархиски архимандрит во Дебарско-кичевската епархија, егзархијата добила легални можности за воспоставување на своја духовна власт, но и за ширење на своето идеолошко и културно влијание во споменатата епархија. Во овој период скоро сите православни цркви и свештеници поради омразата кон грцизмот преминувале на страна на Егзархијата, која во богослужбата го практикувала црковнословенскиот јазик, но од друга страна истата била значаен фактор во ширењето на бугарско политичко и просветно влијание во Македонија, а во тој контекст и во Дебар. Впрочем, во Османлиската империја признатите цркви, покрај верскиот, имале право да го организираат и просветниот живот за својата паства.

Така, аналогно на Патријаршијата, под чие покровителство порано биле организирани училишта на грчки јазик, по формирањето на Егзархијата (1870), оваа црква почнала да отвара училишта на бугарски јазик, прку кои се ширела бугарската идеологија. Притоа, треба да се спомне дека Егзархијата во своите црковно-училишни институции ангажирала значаен дел од македонските интелектуалци.

Во борбата за остварување на влијание на теренот и освојување на симпатиите и лојалност на населението. Егзархијата забрзано почнала да отвара Училишта и во најзафрлените предели од Османлиска Македонија.

Исто така, треба да се нагласи дека по формирањето на Кнежевството Бугарија (1878г.),  дека бугарската држава финансиски ја помагала Егзархијата за да отвори што повеќе училишта во  Македонија, наспроти Патријаршијата. Последната откако се видела  загрозена, за да и парира на бугарската пропаганда во Македонија, а, својата активност претежно ја концентрирала во јужните предели на Македонија, додека во нејзините епархии кои биле надвор  од грчките интереси, почнала да поставува за владици Срби, кои пак со помош од српската влада, почнале да отвораат српски училишта. Така, Османлиска Македонија прераснала во една црковно-просветна арена, во која под плаштот на верата и просветата се судрувале националните идеологии и претензии на Србија, Грција и Бугарија.

Како што споменавме, Егзархијата почнала да отвара училишта насекаде во Македонија, а во тој контекст и во Дебарската епархија. Така, во село Рајчица во 1871 година, било изградено основно четиригодишно  училиште. Учител во него бил  Коле Василев Дуковски од истото село. Тој работел повеќе од триесет години, до неговата длабока старост, кој дал голем придонес во просветувањето на населението. Точни податоци за неговото раѓање и смртта нема ( По пишувањето на Петко и Методија Јовчевски, Рајчица и рајчката парохија крајот на 19 и првата  половина на 20 век). Сепак неговиот придонес е особено голем во собирањето и запишувањето на свадбените песни и обичаи, кои заедно со баба му Несторица му ги дале „ на подарок“ на Васил Икономов од Лазарополе. Васил Икономов вешто го искористил незнаењето, или наивноста на учителот Кале и баба му Несторица, па запишаните од нив песни и свадбени обичаи од Дебарско ги авторизирал и ги објавил во 1895 година, во неговиот Втор Зборник на стари народни умотворби од Дебарско, Кичевско и Охридско.

Покрај Рајчица, егзархиски училишта биле отворени и во други села од дебарската епархија.Такво училиште во Галичник било отворено во 1885 година, во Лазарополе околу 1885-1890г, во Гари 1887г. во Тресонче и Селце1890г. и во Росоки 1894година. Егзархиската црковно-училишна општина во Дебар како официјална организирана институција почнала да делува во 1892 година. Во оваа година, дебарската егзархиска општина добила дозвола за работа од османлиските административни власти. Дејноста на општината, под чија управа се наоѓале црквите и училиштата, се протегале од Горнодебарската и Реканската каза, во чиј состав влегувале и малореканските села.

Официјално турската просветна власт не го сопирала отварањето  на училишта. Но, сепак пречки постоеле, посебно при  назначувањето на учители по отворените училишта. За секое новоотворено училиште, било нужно да се потплати (подмити) локалната меарифска (просветна) комисија. Редовно, пред започнувањето на секоја нова училишна година, селата испраќале молби и нужни документи и такси, за добивање дозволи, без кои не можело да почнe наставата за престојната година. Секој учител од немуслиманските училишта бил должен да го достави и сведителството од образованието за потврда кај меарифот. Оној учител кој не ќе добиел дозвола за работа, немал право да работи во училиште. Егзархиските учители во Дебарската и Реканската каза биле должни лично да одат во Дебар за примање на своите принадлежности. Исплатата на принадлежностите на егзархиските учители Дебарската општина ја вршела на четири тримесечија, во турска валута. Најмалку учителите биле платени по 6, а најмногу по 40 лири.

Некои од егзархиските учители во Дебар, имале соодветно образование со кое се стекнале на Педагошкиот оддел при Солунската егзархиска гимназија. Егзархиските учители по селата биле со ниже образование, понекогаш и некомплетно.

Во егзархиските училишта наставата се изведувала на бугарски јазик, што била и основна цел на Егзархијата. Дебарската општина била под јуриздикција на Егзархијата во Цариград, која преку нејзиниот Училишен оддел, ја водела и сета просветна политика која имала за цел на Македонците да им вгради бугарска национална свест. Така, на пример, главниот егзархиски инспектор Васил К’нчов отворено изјавувал дека дошол во Македонија за да ја  побугарчи. Од друга страна пак, Петар Поп Арсов, еден од основачите и идеолозите на МРО, кој воедно бил најголем критичар на егзархиската просветна политика во Македонија, во својата книшка „ Стамболовштината во Македонија и нејзините преставници“ вели дека единствена цел на Егзархијата била од Македонците да создава Бугари, при што истакнува дека Егзархијата за тоа фрлала многу пари, но и дека „купува ветер“ зашто според него „народност со пари не се купува“(види:Вардарски (Стамболовштината во Македонија и нејзините преставници. Превод, редакција,коментар и предговор д-р Ванчо Ѓорѓиев, Табернакул, Скопје,2006).

Со формирањето на Дебарската егзархиска црковна општина во 1892 година, таа организирано почнала да дејствува не само во Дебар, туку и во дебарските села. Така, првите чекори за запознавање на егзархиските институции по малореканските ги направил претседателот на Црковната општина Дебар, Трпе Симоноски. Тој го посетил најпрво селото Тресонче. Од Тресонче отпатувал за Галичник, каде што во овој период селото броело околу 600 куќи, имало петмина свештеници и двајца учители. Селото било поделено и имало судрувања, при што едни биле егзархисти (бугарофили), а другите србофили.  Тој таму одржал служба во црквата и апелирал кон галичани „ на љубов еден спрема друг, за христијанство и просвета во селото“.

Покрај средбата со галичките првенци, тој се сретнал и со егзархиските учители од околните села. На средбата дошле егзархиските учители од Лазарополе: Илија Иванов и Василко Икономов, тресонечкиот учител Мино Петков, осојскиот Мојсо Симонов, битушкиот Коста Исијанов, гарскиот Спасе Попов и росочкиот учител, чие име не е забележано. Најважното прашање на средбата била информацијата од учителите за односот на селаните спрема појавените политички струи во селата, што посебно го интересирало претседателот.

Од сите присутни само осојскиот учител искажал дека во неговото село се појавила српска партија од печалбарите коишто оделе на работа во Србија. На оваа средба претседателот на Дебарската егзарјиска црковно-училишна општина строго им  препорачал на присутните учители во иднина повеќе да внимаваат на српската пропаганда и за појавите во однос веднаш да го известуваат.

Српското влијание низ реканските села го натерало претседателот на егзархиската општина Дебар, повторно да ги посети малореканските села во 1892 година. При втората обиколка тој го посетил Лазарополе кое според неговото известување броело  400 куќи, имало петмина свештеници и двајца егзархиски учители: Илија Иванов и Василко Икономов.

По одржаната средба со лазарополските првенци, разменил мисли за повеќе селски прашања. Покрај тоа, тогаш посетил и другите села од овој малорекански  предел: Росоки, Тресонче и Осој. Притоа, насекаде при посетата констатирал многу промени, кои според него биле на полошо. По селата среќавал испаѓани куќи и заборчени села и селани. Притоа во селото Осој,  забележал дека селото ја признавало Егзархијата, но дека имало двајца кметови за секоја страна по еден, а тоа значи дека населението сепак било поделено на две спротивставени страни  и дека не биле сите за Егзархијата.

Дебарската егзархиска општина изразила извесно незадоволство кон егзархијата, бидејќи последната при назначувањето на учителите воопшто не го зела предвид мислењето на Општината која настојувала да ги заштити и протежира месните учители од самоволијата на Егзархијата и Црковната општина во  Дебар доаѓало до судири и незадоволства. Како пример на таквото однесување од страна на Егзархијата, општината го посочува отпуштањето од учителска служба на Василко Икономов, потоа отпуштањето на Павле Аџиевски, отпуштањето на осојскиот учител Мојсо Симонов. Токму поради овие отпуштања на учителите од страна на Егзархијата, протестирала Општината.

Со ваквите активности на Егзархијата, всушност се гушела досегашната автономија на општинските народни училишта, како и назначување туѓинци од други места. Овде треба да се потенцира дека по формирањето на МРО (1893г.), Организацијата повела силна активност преку своите активисти да ја преземе контролата врз егзархиските црковно-училишни општини во Македонија и во нив да провлече колку што може свои луѓе членови на Организацијата.

Оттука, постои голема веројатност дека противењето на Дебарската црковно-училишна општина на отпуштањето на едни (сменети учители) и назначувањето на други (туѓинци) да било по инструкции на МРО. Бугарската егзархија иако имала своја Црковно-училишна општина во Дебарската епархија, сепак до 1897 година, немала свој владика во споменатата епархија. Конечно ова прашање било разрешено во 1897 година, кога османлиските  власти дале дозвола за именување на егзархиски владика во Дебарската епархија, по што на оваа должност се нашол митрополитот Козма Пречистански. Практично, отогаш бугарската пропаганда добила потполно легални можности за ширење на своето влијание во Дебар и Дебарско. Меѓутоа, од друга страна скоро во исто време почнало да се засилува и српското влијание.

Во селото Галичник, порано во Лазарополе, почнувајќи од 1897 година, се чувствува судирот меѓу две влијанија, кој се повеќе се засилувал. Како последица на пропагандните судири, селските караници ескалирале до степен, што морал да интервенира кајмакамот од Жировница.

Какви биле односите по малореканските села доволно говори еден настан пред галичката црква од 9.ноември 1901 година. На верскиот празник Аранѓеловден во дворот на црквата дошло до таква тепачка, така што се вмешале и турските заптии за да ги одвојат патријаршистите и егзархистите. Таквата наелектризирана положба за време на верските обреди придонесувала по излегувањето од црквата, да започнат физички пресметки. Несамо на црковно поле, таква борба се водела и на просветно поле, при што се настојувало да се придобијат што поголем број во соодветните училишта.Всушност, тоа била и   основната цел на пропагандите, бидејќи преку образовниот процес директно се влијаело врз обликувањето на свеста на децата. Подмитување со пари, давање на извесни олеснувања на родителите кои работеле во Бугарија и Србија, била секојдневна практика на  двете  пропаганди.

Од сето ова најповеќе корист имале османлиските власти, кои подбуцнувајќи ги едните против другите, практично ја спроведувале девизата „Радели и владеј“, без да бидат свесни дека со тоа го поткопуваат авторитетот на власта, но и дека го забрзувале крајот на османлиското господство над овој простор.

 

( Извадоци од мојата книга Дебар и дебарско  низ историјата, издадена од МЦСП,Свети Николе, 2018 од Ѓорѓи Илиевски)

 

 

 

Најнови вести