Ви се обраќаме со уште еден од низата на скандали која што оваа ненародна власт им ги приредува на македонските граѓани и на грбот на македонскиот народ. Објавениот повик за доделување на средства на граѓани и фондации од страна на Комисијата за финансии и буџет на Советот на општина Битола не претставува ништо друго, туку само еден обичен обид за поткуп на гласачи во предизборието, посочува Иванка Василевска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение следува интегрален текст од нејзината прес-конференција:
За разлика од другите поткупи на невладините на Заев, во форма на хуманитарна помош за социјално ранливите категории на граѓани, овој пат целна група се граѓанските организации од општина Битола.
Дополнително, повикот за доделување на средства се објавува во ситуација на важечка вонредна состојба на територијата на целата држава, што ја доведува во прашање легитимноста и законската исправност на оваа одлука.
Општина Битола, под контрола на СДСМ го крши Законот за спречување на корупција и објавува повик во време на вонредна состојба, пандемија и предизборен период за доделување на буџетски пари на невладини организации. Вакво однесување од страна на власта е недозволиво.
Дали со распишување на овој оглас како и намалувањето на критериумот за учество на апликантите се отвора простор за поткуп на невладиниот сектор во очи на изборите?!
Ќе послужат ли овие пари за поткупување на однапред дефинирани целни групи?! Свесни ли се функционерите на СДСМ од Битола дека мора да постои одговорност за ваквото нивно однесување?!
Веќе извесно време е сосема јасно дека СДСМ се обидува да спроведе масовен поткуп на невладините организации, посебно ако се земе во предвид дека во ист период средства за невладиниот сектор, кои претходно биле планирани за почетокот на годината, а дури сега ќе ги ставаат на располагање и други институции како Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата за млади и спорт, Град Скопје и други, тогаш наша должност е да ја алармираме јавноста дека централната и локалната власт предводена од СДСМ и овој пат во пресрет на избори, опортунистички и крајно неодговорно, се обидува да ги инструментализира граѓанските активисти за реализација на теснопартиските интереси.
Информациите одат дотаму дека претставници на невладините организации се повикувани лично во партиските простории на СДСМ за да се потпишат на нивниот список за лојалност.
Јасно е дека СДСМ во полн ек се спрема за изборите и не се бира начин како да се врши предизборниот поткуп. Овој пат таргет е невладиниот сектор.
Затоа ги повикуваме надлежните институции да истражат како се врши овој очигледен обид за поткуп за изборите пред целата македонска јавност.
Можеби ова е таа нова НЕНОРМАЛНОСТ која ја најави нивниот лидер.
Сѐ тече сѐ се менува, само начинот на функционирање на СДСМ 30 години останува ист.
ВМРО ДПМНЕ е различно од СДСМ. Со СДСМ и Зоран Заев, добивме хибриден режим, неспособност, криминал и сиромаштија.