Претседателот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при вечерашното гостување во „Топ тема“ на Телма телевизија доби за решавање равенка поставена од водителот Александар Чомовски.
За време на интервјуто Чомовски го запраша Мицкоски кој ќе биде резултатот од равенката ВМРО-ДПМНЕ – Груевски + Мицкоски = X. На ваквото прашање, Чомовски доби краток и експресен одговор кој гласеше: Нова Влада.
Мицкоски потсети на ветувањата на Заев.
-Тоа се 30.000 денари просечна плата, 16.000 денари минимална плата, докторите да имаат просечно 100.000 денари плата, зголемени субвенции, зголемени пензии, повеќе странски инвестиции, да ја намалиш невработеноста, реформи во образованието, реформи во судството. Тоа беше ветено, потсети претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, тоа повеќе наликува како човек кој тоне во жив песок и сега му треба сламка за спас.
-Суштината е таква, но тоа е поразителна за Република Македонија. Последиците ќе бидат големи, рече Мицкоски.
Тој посочи дека во изминатите денови и месеци се зголемил политичкиот терор врз опозицијата.
-Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ беа брутално апсени и понижени во јавноста од страна на припадници на Министерството за внатрешни работи. Сето тоа беше нотирано во извештајот на Народниот правобранител, но како што гледате, апсолутно никој досега нема поднесена никаква одговорност, вели Мицкоски.
Посочи дека доколку сакаме да манифестираме правна држава и морални политичари, тогаш оние кои ги наредиле овие апсења треба да поднесат морална одговорност. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека нема да престане да бара одговорност.
-Кој ќе ги врати деновите непроспиени и деновите поминати во домашен притвор на нашата пратеничка, Пешевска?, праша Мицкоски.
Појаснува дека во моментот кога Пешевска била уапсена од нејзиниот дом од страна на специјалците на МВР, во Собранието беше донесен Законот за амнестија. Според него, поголемиот дел од амнестираните веќе ги повториле делата и повторно се наоѓаат во Истражниот затвор во Идризово.
-Кој ќе поднесе одговорност? Јас знам дека Зоран Заев ќе сноси политичка одговорност на следните предвремени парламентарни избори. Но, до тогаш? До кога ние ќе го толерираме ова однесување од страна на поединци на власта?, праша Мицкоски додавајќи дека така не се прават реформи и така не се гради држава.