вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Колумна на Божиновски: Негаторската пропаганда кон Македонија ја побива фолклорот како непокорна тврдина на македонскиот идентитет  

Колумна на Божиновски: Негаторската пропаганда кон Македонија ја побива фолклорот како непокорна тврдина на македонскиот идентитет   

„Песната на Македонија е нејзина молитва, огледало на нејзината душа и нејзина воздишка“ ќе запише Кочо Рацин за македонските народни умотворби како неповторливи рожби на народниот дух.

Не престануваат провокациите и оспорувањата од страна на Бугарија за македонскиот јазик и македонските дејци, кои доаѓаат од сите страни, и од академско и од политичко ниво. Откако излезе памфлетот од БАНУ, сега и бугарските политичари се впуштаат со нивни изјави во кои бугарскиот устав бил над пресудите во Стразбур. Иако признаваат дека во Бугарија постои македонско малцинство, дрско и безобразно велат дека нема да попуштат во своите условувања за македонските преговори со ЕУ. Последно се надминаа себеси обраќајќи се кон Македонците за кои велат „со измиени мозоци, просрпски настроените и мислат дека се потомци на Александар Македонски кој бил Грк“. Уште и безобразно ќе речат дека сите Македонци имале бугарско потекло, за на крајот да слушнеме „Со кроце и со малце ќотек, сè ќе си дојде на место“.

Низ целата историја македонскиот народ постојано го докажува своето постоење, па и сега во 21 век се занимаваме со докажување. Најсилни аргументи за македонскиот идентитет се нашиот фолклор, сопствениот јазик и традиционалните обичаи. Македонскиот народ низ историјата создал богат и специфичен фолклор, а често истиот бил и предмет на негирање, оспорување и присвојување. За жал и во минатото, но и во сегашноста македонскиот фолклор се негира, тој е предмет на присвојување, а да биде уште потрагично биле менувани дури и цели стихови од македонските песни.

Народните умотворби се најсилно оружје против негаторската пропаганда што се води за Македонија. Фолклорот е нераскинлив елемент од идентитетот на македонскиот народ. Македонските народни умотворби се израз на духовните вредности на македонскиот народ. Тие го содржат духот и животот на нашиот народ и претставуваат најоригинална претстава на опстојувањето на македонскиот народ низ историјата. Народната песна низ сите години на премрежја на македонскиот народ секогаш го крепи и поддржува духот на народот. Македонските народни песни се непресушен извор на цели спомени за трагичната судбина на македонскиот народ, болната поделба, страшното распарчување на нашата татковина, болката и крикот со повик за слобода.

И покрај нападите, треба само мудро да се постапи затоа што сè ни е напишано во нашите книги само треба тоа да го прочитаме и да го презентираме пред светската јавност исто онака што тоа го правеле нашите културни дејци.

„Во сите краишта што ги посетив, јас немам чуено други имиња освен имињата на Александар Велики и на Марко Крале. И едниот и другиот живеат во спомените на народот…“, ќе запише рускиот деец и собирач на народни умотворби Виктор Иванович Григорович.

Ние треба да им сме благодарни на Браќата Миладиновци со капиталниот „Зборник на народни песни“, Кузман Шапкарев и Марко Цепенков како најпознати собирачи и издавачи.

Во народните песни како дел од вековната народна традиција се опеани и Кирил и Методиј, Климент и Наум, свети личности од македонската историја и култура.

Свесно сака да се фрли дамка на најпознатите јунаци, но не може тоа да се оспори затоа што тие се опеани во нашите епски песни: Марко Крале, Болен Дојчин, како и децата-јунаци: Дукадинче, Голомеше, Татулче и други. Опеани се и најпознатите ајдути во народните песни: Кузман Капидан, Иљо Малешевски, Сирма Војвода, Јанка и други.

Гоце Делчев, идејниот водач на македонското национално движење од нашиот тежок судбински период е најчесто опејуван во песните поради неговата патриотска идеја, револуционерен дух, искрена почитуваност и голема слава меѓу народот.

Наспроти лажното тврдење од бугарската страна за Гоце Делчев стои историскиот факт дека на 7 октомври 1946 година, со голема свеченост и со највисоки почести, од Софија биле испратени посмртните останки на кукушкиот војвода во Скопје, со што е исполнет неговиот аманет да почива во главниот град на слободна Македонија. Минувајќи низ Пиринска Македонија и низ повеќе градови на тогашна Народна Република Македонија, останките на Делчев со највисоки државни и воени почести биле пречекани во Скопје и положени во камен саркофаг во црквата „Св. Спас“.

Никој не може да го замолчи народниот пејач кој ги овековечил комитските војводи Питу Гули, Ѓорѓи Сугарев, Даме Груев, Јане Сандански, Никола Карев и уште многу други.

А за Блаже Конески кој уште од млади години е задоен со љубов кон народната фолклорна традиција треба да знаеме дека во неговото поетско творештво може да се следат трагите на колективното наследство.

Македонскиот народ со својот идинтитет наоѓа израз преку својот македонски јазик, свои македонски песни, традиционални македонски ора, карактеристичен македонски вез од симболи и знаци.

Ништо не е загубено, штом се пее песната, народот не ги заборава своите песни.

И денес се создаваат македонски народни песни кои се огледало на животот на македонскиот народ.

Добронамерните соседи ако имаат пријателски и добрососедски намери да ги тргнат рацете од Македонија и македонските дејци!

Ниту вековите, ниту негаторите не можат да го разрушат револуционерниот дух на Македонецот и безграничната љубов кон нашата татковина, Македонија.

 

Перчо Божиновски,

професор по македонски јазик и литература

Најнови вести