Синдикат на пензионери на Република Македонија при Конфедерацијата на слободни синдикати денеска беше најавен. Главна цел на синдикатот ќе биде пензионерите директно да бидат вклучени во реформите на Пензискиот систем.
-Директно преку наши претставници да бидеме рамноправни како социјален партнер во преговорите со владата. Реформите во пензискиот систем не треба да бидат на штета на сегашните, а уште помалку на идните пензионери. Се залагаме за стабилен синдикален пензиски фонд и тој да биде одржлив, истакна претседателот на Иницијативниот одбор на новиот Синдикат на пензионерите, Радослав Гиновски, додавајќи дека во тој случај политичарите не ќе можат да ги лажат оти пензискиот фонд нема пари исплата на пензии.
Вели дека пензионерите ги имаат оставено парите во Фондот со нивното работење во минатото, потенцирајќи дека висината на пензиите треба да биде далеку повисока од она што е денес.
-Не загрижува фактот што повеќе од 50 отсто од пензионерите сега примаат некаде 200 до 250 евра. Очекувам реално далеку поголеми пензии. Статистичките бројки покажуваат дека пензиите во Република Македонија се користат околу 8 до 9 години, а вложуваме во тој Фонд 40 години, реално би требало да бидат далеку поголеми пензиите, појаснува Гиновски.
Тој побара усогласувањето на пензиите во иднина да се прави во присуство на претставници на синдикатот.
-Сакаме да го зголемиме животниот стандард на пензионерите во Република Македонија и не смеат пензионерите никогаш да бидат социјална категорија, рече Гиновски.
Тој ги повика пензионерите да им се приклучат, додавајќи дека ако само 10 отсто од пензионерите се зачленат во овој синдикат, тогаш во него би имало 30.000 членови. Според него, тоа би значело дека Синдикатот на пензионери на Република Македонија би бил рамо до рамо со СОНК по бројот на членови.