Здружението „Отворете ги прозорците“ денеска одржа тркалезна маса на тема „Стручно усовршување во земјите учеснички во проектот – сличности и разлики“, во рамки на проектот „Потребите на наставниците за доживотно учење во контекст на образованието од 21 век“.
Координатор на проектот е тренинг-центарот „Коцевски“ од Нови Сад во соработка со партнерските организации: здружението „Звоно“ од Загреб, „Отворете ги прозорците“ од Скопје и Друштвото на учители од Нови Сад, а во рамки на програмата Еразмус+.
– Целта на оваа тркалезна маса беше да се дискутира за моменталната состојба со стручното усовршување на просветните работници во земјите учеснички на проектот и да се нагласи значајноста од нивно активно учество во планирањето на политиката за стручно усовршување во своите земји, информираат од здружението „Отворете ги прозорците“.
На тркалезната маса, која поради пандемијата се одржа онлајн, учествуваа претставник од Бирото за развој на образованието, наставници од претшколска, одделенска и предметна настава, професори од средни училишта, педагози и специјални едукатори.
-Тие имаа мошне плодна дискусија и со своето долгогодишно искуство дадоа значаен придонес за понатамошниот тек на овој проект. Ние, како спроведувачи на оваа тркалезна маса, максимално остануваме посветени на подобрување на квалитетот на образованието и образовниот систем во нашата држава, секогаш во соработка со сите релевантни институции и индивидуални чинители, велат од „Отворете ги прозорците“.