Во време на избори сме „Медена земја“, ама никако да конкурира за два оскари, иако се ни е розово, или по онаа народната „мижи да те лажам“. Затоа до 15 јули уживајте во реториката колку ни е убаво и дека ќе биде уште поубаво, само да победат на изборите, а ден потоа ќе ве соочат со реалноста дека ситуацијата е многу тешка, односно да се разбудиме од едномесечната бајка, пишува порталот Нетпрес.
Што нудат политичките партии на овие избори?!
Нормално, се е концентрирано на носечките сектори во државата во однос на гласачка машиnерија како здравството, образованието, пензионерите, јавните претпријатија, срамежливо се спомнуваат младите, па дури потоа се земјоделството и работниците. Се ветува зголемување на процентите во однос на нивните примања/ добивки, како на платата така и на даночните одбитоци.
Во овој дел ќе ги перципираме двете најголеми партии – владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Како и што можеше да се очекува СДСМ како главни адути во кампањата ќе ги исфрли приемот во НАТО, приближувањето до ЕУ (се чека датум за почнување на преговорите), решавањето на проблемите со Грција и Бугарија, кои беа предуслов за НАТО и ЕУ, но по цена на промена на името и преиспитување на државноста и историјата (обизличувањето). Во делот на левичарските постулати се минималната плата од 14.500 денари и повратот на ДДВ-то. Социјалдемократите прокламираат и поголема минимална и просечна плата. И, поради актуелната состојба и здравството се форсираат вложувањата во него. Како свој адут ги исфрла во преден план и довршувањето на автопатиштата Штип-Скопје и делницата Смоквица-Гевгелија, проекти на ВМРО-ДПМНЕ кои беа во завршна фаза и поради промената на власта завршницата и припадна на СДСМ. Се фалат со завршени сали, а базените ги нема никаде кои беа ветувани. Првично го критикуваа проектот со салите на ВМРО-ДПМНЕ, а можеби со некои од нив и се пофалија.
Контроверзни се фалбите дека ја намалиле невработеноста и ги зголемиле вложувањата, бидејќи некои работи се должат на големиот одлив на работна сила во белиот свет, а капацитетите за вработување се тие што беа направени по програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Опцијата добивката да се прикаже како вложување во зајакнување на структурно-ресурсните капацитети го прикажуваме како големо вложување и самозалажување, бидејќи нема реално вложување и реално отворање на работни места, туку тоа е начин како да не се плати на државата.
И двете партии се на терен и се обидуваат да ги убедат гласачите во веродостојноста на нивните програми. СДСМ настапува со наведените програмски приоритети и слоганот „Можеме повеќе“, нешто што го имаше ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2009 година. Од друга страна, СДСМ пак се враќа на салонскиот настап на партијата од 90-тите години на минатиот век, кој многу ги чинеше, со преовладување на самобендисаноста. Тоа го прават со неколку изјави. Или се многу сигурни во себе или го избегнуваат директниот контакт со народот, или, пак веруваат во медиумската кампања која ја имаат под контрола и располагаат со многу повеќе пари.
ВМРО-ДПМНЕ како опозициска партија покажува голема теренска агилност, потпирајќи се директниот контакт, бидејќи така се во можност да ги презентираат стратешките проекти на „Обновата“, нивната програма.
Споредувајќи ја реализацијата на програмите во досегашните изборни циклуси, исто така и на сегашните, на ВМРО-ДПМНЕ секогаш повеќе тежат и имаа поголема реализација, со стратешки добро поставена цел. Така се случи со економските зони и привлекувањето на реномирани имиња во светскиот бизнис, при што конкретно се намали невработеноста и токму во делот каде што имаше најмала квалификуваност на работната рака. Моделот со субвенции во земјоделието го почна ВМРО-ДПМНЕ, притоа, како и во секоја работа имаше и маани и човечки злоупотреби. Но и двете партии треба да го менуваат овој модел, затоа што ваквото земјоделство е неконкурентно на светскиот пазар, а многу површини не се обработуваат и тоа во плодни полиња, затоа што на сопствениците не им се исплаќало да ги работат.
Ако се имаат предвид претходните стратешки објекти на ВМРО-ДПМНЕ, како што беше заживувањето на економските зони, изградбата на експресните патишта и автопатиштата, модернизација на аеродромите, модернизација на железничкиот парк, обновување на возниот парк во Скопје, културните и спортските објекти, справувањето со светската економска криза во 2009 година, воспоставувањето на фискалната дисциплина … тогаш и сегашните ветувања ќе станат реалност. Додека кај СДСМ отсуствува конкретноста за реализација на проектите, а како што видовме и паѓање на стратешките определби за краток период, како прогресивниот данок. Ова е само еден пример, а такви падни-стани работи имаше повеќе во нивниот мандат. Ги прати онаа самобендисаност од времето на СКМ-ПДП, подоцна СДСМ, партија за избрани лица, демек елитна.
За спасување и остварување на буџетските цели, го избегнуваа, а потоа го прифатија моделот на ВМРО-ДПМНЕ со домашни задолжувања, кај банките. Макар, овој модел ја става владата во подредена улога спрема банките, па често им удоволува на нивните барања, а тоа на своја кожа најмногу го чувствуваат граѓаните и фирмите.
ВМРО-ДПМНЕ во делот на даноците и платите се потпира на веќе испробаните формули кои се прифатливи за стопанствениците, како рамниот данок. Во оваа насока се планирањата и со платите и со пензиите. Бидејќи ова има директен одраз на полнењето на државната каса. Да потсетиме дека е констатирана помала наплата на ДДВ и другите даноци, односно попуштање на фискалната дисциплина. Речи си во секое населено место може да се забележи дека не се издаваат фискални сметки, само заради дневна политика а стратешки лоша определба за државата. Нема сузбивање на сивата економија, иако во времето на пандемијата и карантинот беше идеално да се стави крај. Пак власта попушти пред можните гласачи.
За разлика од конкурентите, ВМРО-ДПМНЕ на пати од тоа да се консултира и со домашни и со странски стручни лица. Нешто што во текот на корона-кризата максимално се игнорираше
Кампањата им е еднолична во последните три изборни циклуси. Можеби во нивното владеење, по 2002 година, е порелаксираната ситуација во општествените текови, додека ВМРО-ДПМНЕ го карактеризираше стегнатост.
Една од најизговараните реченици на сдсмовските функционери е „ние знаеме да решаваме проблеми“, потенцирајќи ги решавањето на спорот за името со Грција и Догворот за добрососедство со Бугарија, и дека тоа ни ги отвора вратите на НАТО и ЕУ.
Која е цената за тоа?
Тогаш, што да кажеме за Љубчо Георгиевски! Значи, тој бил „Спејс шатл“ кој СДСМ директно го минираше. И зошто изгубивме 20 години?! За Заев да каже дека можел да ги решава проблемите. Дали Бранко Црвенковски беше послаб, понеумешен политичар од Заев? Веројатниот одговор е 103 отсто НЕ!
Токму ваквите размислувања на попаметниот ги тераат младите луѓе да си заминуваат од Македонија. Кога на ова ќе се додадат колнењата дека тоа нема да го направат, знај дека те лажат во очи и го прават спротивното – така беше со името, за договорот со Бугарија. А ние своето именување не можеме да го кажеме со еден збор МАКЕДОНЕЦ, туку треба да го објаснуваме …
Да, политиката е и компромиси! Политиката е курва, но со строги граници за идентитетот на државата и нацијата за кои многу политичари се жртвувале.
Извор: Нетпрес