четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Почнаа археолошките ископувања на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане

Почнаа археолошките ископувања на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане
Археолозите од НУ Музеј Куманово почнаа со ископување на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане, соопштија денеска од националната установа. Во моментов археолозите работат на средната тераса на локалитетот, каде што пред неколку години открија остатоци од голем, масивен ѕид.
– Ископувањата се насочени околу овој ѕид, за кој сè уште не сме ја дознале првобитната функција, каде што постојат доградувани и преградувани простории, некои од нив и всечени во карпата, изјави раководителот на ископувањето, археологот Дејан Ѓорѓиевски.
Материјалот кој е пронајден од локалитетот, објаснува Ѓорѓиевски, датира во периодот на 4-3 век пред нашата ера. Станува збор најчесто за локално работена керамика која ги имитира формите од егејскиот југ, но и за помала количина на импортирана керамика од тој регион. Формите на накит пронајдени досега претставуваат исто така импорти, со познат изглед типичен за медитеранскиот регион во тој период. Преку него индиректно се согледуваат и религиските верувања на народот кој живеел на локалитетот, а кои скоро во целост биле изградени според грчкиот пантеон, се разбира, со додадени локални карактеристики.
Инаку, локалитетот е особено интересен за проучување, додава Ѓорѓиевски, токму поради високиот цивилизациски развој на локалното население за што сведочат многу архитектонски елементи за коишто паралели се наоѓаат во пајонските и македонските престолнини.