Министерот за здравствоВенко Филипче, на денешната прес-конференција, се осврна и во однос на подготовката од страна на Министерството за здравство за безбедно одвивање на изборниот процес со предвремените парламентарни избори и информираше и дека медицинските тимови, односно здравствените работници ќе помагаат во гласањето во домашни услови за лицата во изолација и на домашно лекување.
-Според евиденцијата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат околу 5 000 лица се во изолација и на домашно лекување. Како што ме информираа од Државната изборна комисија, тие треба да се пријават на веб страницата на Државната изборна комисија доколку сакаат да гласаат. Од Министерството за здравство доставивме списоци на здравствени работници. Од страна на Државната изборна комисија ќе бидат распределени – по тројца во општина, за да го спроведат ова гласање заедно со одборите, потенцираше министерот Филипче.
Тој информираше дека од Државната изборна комисија планираат симулација на процесот на денот на гласање, во среда или во четврток со членови на избирачки одбори, со претставници на набљудувачи од партиите, како би изгледал процесот со сите заштитни средства, согласно протоколот кој што го даде Комисијата за заразни болести, а на која симулација ќе бидат присутни и членови на Комисијата.