понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Анализа на Сотир Костов: Врвот на административната изборна пирамида е срушен и е слеп

Анализа на Сотир Костов: Врвот на административната изборна пирамида е срушен и е слеп

Секои избори се шанса и прилика политичките субјекти во Република Македонија да ја покажат својата зрелост за демократија, вели аналитичарот и поранешен јавен обвинител Сотир Костов, според кој прв чекор кон таквата зрелост е покажување желба, подготвеност и способност да се организираат и спроведат демократски, фер и слободни избори.

„Така требаше да биде и овој пат, на парламентарните избори 2020. Ама ништо од тоа. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХИР во прелиминарниот извештај констатира дека изборите биле ефективни и делотворни. Ама тоа е во организациона смисла. На правно ниво е констатирано дека правната стабилност на изборниот процес била поткопана. Причините лежат во честото менување на изборниот законик, дури и во последниот ден пред почетокот на изборната кампања, со Уредба со законска сила се менувале одредби на изборниот законик, што е спротивно на препораките на Венецијанската комисија. Мисијата констатира и непотребно голем број на ад-хок правилници кои се збунувачки за избирачите. Ова се критики за техничката влада (за уредбите) и ДИК (за ад-хок правилниците)“, потенцира Костов

Според него и однесувањето на политичките субјекти не доби преодна оценка. Вели и дека сите учесници во изборниот процес еднаш за секогаш треба да сфатат дека е неопходно да се откажат од незаконските начини и средства за организирање на изборни кампањи, што во практиката значи вистински да се откажат од триковите, притисоците, заканите и лагите кон избирачите.

„Ако се погледнат билтените на МВР, пријавите(кривични и прекршочни) до јавното обвинителство и народниот правобранител, ќе се воочат голем број на нарушување на демократската атмосфера на изборната кампања, на самиот процес на гласање и на броењето и сумирањето на резултатите. Има повеќе од 70 пријави за недозволена агитација, во изборниот молк и на денот на гласањето. Тоа најмногу било присутно во Струмица, Дојран, Штип, Ново Село, Шуто Оризари. Поднесени се повеќе од 30 пријави за поткуп на избирачи во Велес, Дојран, Василево, Битола, Охрид, Струмица, Сарај, Градско, Штип, Кочани. Исто така имало голем број на притисоци, уцени врз гласачите во Богданци, Бутел, Струга, Велешта, Ново Село. Констатирани се прекини на гласањето во Сарај, Карпош, Куманово, Центар. Забележани се т.н. “Бугарски возови“ во Битола и Куманово. И ако се земат во предвид интервенциите на полицијата во Кисела Вода, Аеродром, Штип, Кочани, Струмица, Битола, Куманово, Чаир, Охрид, Струга, Тетово, Центар, Шуто Оризари, Градско, Радовиш, Сарај и Прилеп за многу други  неправилности и прекршувања на изборната и друга законска регулатива, тогаш изборниот процес, изборната кампања и самиот чин на гласање и броење/сумирање на резултатите не можат да добијат преодна оценка, а за висока и да не зборуваме“, алармира поранешниот јавен обвинител.

Политичката култура на учесниците во изборите и овој пат е на ниско ниво, цени аналитичарот според кој крајно време е тие да прифатат и применат политички вештини за настап на избори, засновани на научни теории, стратегии, тактики и техники, кои се сообразени со позитивната пракса на европската и светската демократија и традиција.

„Најконкретно треба да се примени вистински политички маркетинг за привлекување на избирачите и освојување на нивниот глас. Тоа е вистинскиот начин да се врати дигнитетот и суверенитетот на граѓанинот избирач, не само во формална и инструментална смисла, туку и во  вистинска, суштинска смисла.  На граѓаните треба да им биде овозможено слободно и без влијание од никого да го  “троши“ својот глас. За таква слобода потребно е, граѓанинот од Република Македонија да не биде уценуван, загрозен и исплашен за своето учество или не на изборите, за што е потребно со него да не се постапува како поданик“, посочува Костов.

Реакциите на коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива и на партиите Левица, Глас за Македонија, Интегра, Единствена Македонија и другите учесници во изборната трка се многу жестоки и јасни: и укажуваат дека демократскиот процес на гласање многукратно и по повеќе основи е нарушен, вели аналитичарот.

„Многубројни и основани се и сомнежите за неправилности при броењето на гласачките ливчиња и сумирањето на изборните резултати. Ако на сето ова се додадат и исплатите на државни социјални ваучери од 3000, 6000ден.) во време на изборната кампања и во изборниот молк, мислам дека сликата за фер и демократски избори ептен е искривена, т.е. изобличена. И да, како капак на сé сајтот на ДИК е хакиран, паднат е веќе три дена и не се враќа во нормала, што значи, овој пат и ДИК падна на испитот. Во пет до дванаесет набавувала нов софтвер, тоа го правела на незаконски начин, а се покажа и видовме, дека софтверот не го бива за ништо. Не функционира.  И сега, што правиме? Врвот на административната изборна пирамида е срушен и е слеп. Нема слика, нема текст, нема содржина, нема бројки, нема ништо. Тоа е нов феномен изборен стечај“, оценува Костов.

Според него вакви избори, во кои учесниците во изборниот процес не покажаа елементарна политичка и изборна култура, не ги респектираа избирачите, туку ги понижија со притисоци, закани и срамен поткуп, по никој основ не можат да бидат демократски, фер и кредибилни.

 

 

 

 

Најнови вести