Познати личности ја поддржаа кампањата на невладината организацијата „Билка“ која се залага за целосна декриминализација на канабисот, како за медицински, така и за рекреативни цели.
Досега новинарот Огнен Јанески, водителот Марко Новевски, актерката Ирена Ристиќ, балерината Мими Поп Алексова и психијатарот Дарко Костовски ја поддржаа легализацијата на канабисот. Тие во кампањата на „Билка“ преку видео пораки читаат факти за растението, а порачаа и дека се за целосна легализација на канабисот.
Со оглед на тоа што марихуаната во Македонија е легална за медицински цели, останува прашањето дали со оваа кампања се отвора можноста за нејзина декриминализација и за рекреативни цели.
Владиниот портпарол, Миле Бошњаковски за Курир вели дека владата следејќи го принципот на слобода на говор и отворена дебата секогаш ќе ја охрабрува јавноста и граѓанските организации да отвораат дебати за сите прашања кои се од интерес на граѓаните на земјава и очекува, како и оти очекува а нив да се разговара без предрасуди, базирано на факти како и врз основа на јасни индикатори. Потенцира дека овој став важи и за кампањат на „Билка“.
Курир праша и дали може да очекува во иднина предлог за целосна декриминализација на канабисот, како за медицински, така и за рекреативни цели?
-Владата на РМ секогаш ќе ги носи своите одлуки врз база на презентирани аргументи и ќе се води од приоритетите и интересите на граѓаните, вели Бошњаковски за Курир.
Канабисот за медицински цели во Македонија беше легализиран во 2016. година, а со тоа нашата земја стана 14. држава во Европа која ја легализираше марихуаната по Чешка, Финска, Романија, Италија, Шпанија, Холандија, Франција, Австрија, Португалија, Германија, Велика Британија, Словенија и Хрватска.
Сепак, канабисот не може да се користи за самолекување, туку со медицинска препорака и тој не може да биде замена за медицинска терапија.