Во оптек е пуштена кована пара за колекционерски цели „Близнаци“ од серијата „Хороскопски знаци“. Цената на монетата изнесува 2.800 денари.
– Кованата пара е изработена од сребро Аг925, со тежина на среброто од 23,30 г, чистота на среброто од 19,43 г, во квадратна форма со димензии 37 х 37 мм, полирани со позлата и вметнато кобалтно стакленце со димензии 18,4 х 6,1 мм, информира денеска Народна банка на Република Македонија.
На аверсот на монетата, во централниот дел се прикажани четири атласа што го држат небото и круг со симболите на сите хороскопски знаци. На вметнато кобалтно стакленце е претставена слика на северното небо со ѕвездата Северница во центарот, опкружена со соѕвездието Близнаци. Во долниот дел е претставен цртеж на Сончевиот Систем. На основата е прикажан дел од небесната карта, а во долниот дел од аверсот се прикажани грбот на Република Македонија и годината на издавање – „2018“. Прикажани се и натписи на македонски јазик: „Република Македонија“ и „100 денари“.
На реверсот, во горниот дел е претставена слика на близнаци од ѕвездениот атлас „Firmamentum Sobiescianum“, создаден од Јоханес Хевелиј на крајот на 17 век. Сликата на хороскопскиот знак близнаци и неговото соѕвездие преминува и на вметнатото кобалтно стакленце. Во горниот дел е претставен симболот на хороскопскиот знак близнаци, додека во долниот дел е претставена златна слика на близнаци, врз цртеж на кој е претставен Сончевиот Систем. На десната страна е прикажано латинското име на хороскопскиот знак – Gemini, а на левата страна, ознаката Аг 925.
Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народна банка се законско средство за плаќање во Македонија.
Дополнителни информации за кованите пари за колекционерски цели може да се најдат на интернет-страницата www.nbrm.mk.