среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Стручно тело на МАСИТ ќе работи на изнаоѓање решение за реализација на наставата

Стручно тело на МАСИТ ќе работи на изнаоѓање решение за реализација на наставата

Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ одлучи итно да состави стручно тело за изнаоѓање решенија за администрирање на образованието во претстојната учебна година. Одлуката е донесена вчера на вонредна седница на Управниот одбор.

-Земајќи ја предвид комплексноста на состојбата, непредвидливиот курс на промени во земјава, регионот и светот настанати како последица на пандемијата КОВИД-19, како и на фактот дека сê уште на повидок нема конкретно решение за наставата, Управниот одбор и членките на МАСИТ едногласно ја изразија својата подготвеност приоритетно да се фокусираат на изнаоѓање на унифицирано, одржливо и применливо решение за реализација на наставата и образовните процеси во следниот семестар, но и понатаму, соопшти МАСИТ.

ИКТ-Комората наведува дека иако ниту една институција досега не им се обратила за соработка и совет, повод за оваа одлука на МАСИТ е текот на настаните со пандемијата, како и ургентната потреба од решение.

Комората ќе го формира телото како наменски конзорциум од компании членки кои веќе работат на слични решенија за странство и имаат докажана експертиза во областа и ќе понудат унифицирано решение кое е најадекватно за состојбата во која се наоѓа македонското образование во моментов.

– Потребно е унифицирано, стабилно и одржливо решение за наставата во претстојниот период. Образованието, учениците и нивните родители треба да се предмет на итен и неодложлив фокус. Ние како комора, иако не сме консултирани досега, се чувствуваме повикани поради фактот што сите солуции за идна настава се базираат на дигитални решенија и токму на таа основа ќе го работиме проектот кој ќе го понудиме до надлежните институции, објаснува Анета Пешева, претседател на УО на МАСИТ.

Анализите на ИКТ-Комората се базирани на мониторинг на состојбите во земјава и странство и ги земаат предвид сите аспекти на кризата: здравствениот, економскиот, образовниот и социјалниот. (MИА)

Најнови вести