Со блокада на автопатот Тетово – Скопје околу 30 минути помина денешниот трет протест на група граѓани од Тетово и околината во знак на револт поради зголемената цена на електричната енергија.
Организацискиот одбор на социјалните мрежи за денеска во 16.30 часот го најави собирот пред Монополот во Тетово. Таму насобраните луѓе стоеја сè до 16.50, по што дел од нив како група почнаа да се движат, а некои заминаа со возила.
Потоа беше блокиран автопатот пред т.н. Требошки натпаник, сè до 17.30 часот. Бидејќи блокадата на автопатот не беше најавена, полициски службеници побараа од организаторите да ја ослободат сообраќајницата за тековно движење.
Протестот траше до 17.30 часот, до кога и сообраќајот на автопатот беше во прекин. Полицијата ги пренасочуваше возилата по регионалниот пат Тетово – Скопје. Од 17.45 учесниците се заминати од блокадата, а сообраќајот нормално се одвива.
–Регулаторната комисија веднаш да ја стави вон сила одлуката за зголемување на цената и да ја намали цената за 46 отсто. Второ, Владата да го укине монополот на услугите за ЕВН и да стави крај на нечовечкото однесување кон потрошувачите, како и да го намали данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто. Собранието да ја укине Регулаторна комисија бидејќи служи само за апетитите на бизнис-групациите кои сериозно го оштетуваат семејниот буџет на сиромашните граѓани. Последно, четврто барање, е Собранието да формира независен арбитрарен орган кој ќе го верификува квалитетот на услуги и ќе адресира поплаките на граѓаните на ваквите корпоративни рекетарски компании, истакна претставниците на одборот за барањата.
На 14 август во Тетово организацискиот одбор организираше граѓански марш од три локации до градскиот плоштад. Една недела пред тоа се протестираше на плоштадот. Ноќта на 14 август во Тетово беа запалени и две возила на ЕВН. (МИА)