среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Одбележување на празникот Успение на пресвета Богородица во Матка согласно мерките за заштита од Ковид-19

Одбележување на празникот Успение на пресвета Богородица во Матка согласно мерките за заштита од Ковид-19

На 28 август православните христијани го одбележуваат празникот Успение на пресвета Богородица, еден од најголемите празници посветен на Мајката Божја. Скопјани традиционално на овој ден го посетуваат манастирот посветен на Успението на пресвета Богородица во Матка, каде оваа година одбележувањето ќе биде во согласност со превентивните мерки за заштита од коронавирусот пропишани од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Прославата по повод празникот ќе се одржи на 27 и на 28 август на отворено во дворот на манастирот. Со оглед на законските правила и услови донесени од страна на Комисијата за заразни болести, нема да има служење на храна и пијалаци, како и културно-забавна програма. Предвидена е и надворешна продавница со манастирски производи и сувенири. На денот на празникот во дворот ќе има поставено и маса за осветување на славски колачи.

Во манастирот ќе се влегува на предната врата, а од таму ќе се излегува на задниот влез. Секој посетител за да влезе ќе мора задолжително да носи маска. Исто така на влезот ќе се мери температура. Верниците и посетителите ќе мора да внимаваат и да одржуваат дистанца од 1,5 метар. Местата за стоење и за правец на движење во манастирот ќе бидат одбележани. На влезот и за време на задржување во манастирот е задолжителна дезинфекија на рацете, како за посетителите така и за оние што ќе бидат задолжени за организацијата на настанот.

Од 15:00 часот на 27 август во манастирот ќе има задолжителна редарска служба. Во 17 часот ќе започне едночасовна вечерна богослужба во дворот на манастирот, на отворено, а сите присутни ќе мора да стојат на растојание. После вечерната служба ќе продолжи посетата на храмот според превентивните мерки.

На денот на празникот, на 28 август во 2 часот предвидено е да започне бдение кое ќе заврши со Божествена литургија, со која ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ – ОА г.г. Стефан. Во дворот на манастирот ќе се одржи и традиционална крводарителска акција.

Најнови вести