Од утре читалниците во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе работат од осум до 19 часот, од понеделник до петок. За работењето на читалниците ќе важи посебен протокол, за да се овозможи заштита на корисниците и на вработените од ширењето на коронавирусот.
Како подготовка пред отворањето на читалниците во целиот објект се отстрануваат сите места за седење што се надвор од читалниците; на јасно видливи места се истакнуваат информации според кои – се забранува присуство во другите простории на објектот каде што се наоѓа читалницата (хол, аула, простории за одмор); предмети (чанти, ранци) не смеат да се оставаат на подот; вратите и прозорците не смеат да се затворат; храна и пијалаци не смеат да се оставаат на масите; означени насоки за движење во објектот каде што се наоѓа читалната; задолжително носење маска за лице во просториите на читалницата; масите и столчињата се наоѓаат на растојание од најмалку 1,5 до 2 метра и е ограничен бројот на посетители во читалните (во читалницата 1 на прв кат има 30 седишта, а во читалницата 2 на втор кат – 25 седишта); вратите и прозорците се оставаат отворени, истите тие се фиксираат; пред влезот се остава сунѓер со средство за дезинфекција на обувките; пред влезот на читалницата се поставува средство за дезинфекција на рацете; секое место за седење се нумерира; автоматите за самопослужување пијалаци и храна не се во функција.
За влез и излез од објектот важат следните протоколи – пред секое влегување се дезинфицираат рацете; лицето задолжено за прием на студентите и распределување на местата во читалницата задолжително носи ракавици, маска и очила/визир за заштита; пред влегувањето во читалницата се мери телесната температура на корисникот; на пријавницата се покажува членска карта и се добива соодветно место за седење; се евидентираат времето, името, презимето и податоците за контакт; странката одговара на прашања дали бил/а во контакт со лице заразено со вирусот и дали има забележливи симптоми; напуштањето на местото за седење се најавува на пријавницата.
За одржување на хигиената во објектот, санитарните простории ќе се дезинфицираат на секои два часа; по напуштање на местото за седење тоа ќе се дезинфицира и ќе се распределува по изминати десет минути. Централните вентилациски системи, вентилатори, клима-уреди и слично не се ставаат во употреба; се внимава на редот, мирот и одржувањето дистанца надвор од објектот; се работи според претходно утврдено работно време (од 8 до 19 часот од понеделник до петок, сабота и недела читалниците не работат); списокот со претходно запишани лица што ја посетиле читалницата и нивните информации за контакт се чуваат две недели.