сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ВМРО-ДПМНЕ поднесе 17 амандмани за законот за високо образование, Дескоска вели дека дел од нив се неисправни

ВМРО-ДПМНЕ вели дека законот за високо образование е недоследен и со низа пропусти, Дескоска рече дека дел од амандманите се неисправни
ВМРО-ДПМНЕ поднесе 17 амандмани за законот за високо образование, Дескоска вели дека дел од нив се неисправни

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска пред почетокот на собраниската комисија за образование поднесе 17 амандмани за предлог законот за високо образование.

Зекир Рамчиловиќ од оваа партија оцени дека предлог законот за високо образование е недоследен и со низа пропусти.

Според него, предлог-законот има пропусти во поглед на  регулирањето на соодветната материја кои, како што рече, не значат унапредување на образованието бидејќи суштински тие оставаат недоречености и уназадување во одредени области.

-Сметаме дека со нивно прифаќање министерката ќе покаже демократски капацитет за слушање на решенија кои значат подобрување  и унапредување и развој на образованието во Република Македонија. Амандманите кои ги предлага пратеничката група се во насока на зголемување на буџетот кој е предвиден за финансирање на Универзитетите и самостојните високи стручни школи кое е клучен за развојот и унапредување на научната и образовната дејност, рече Рамчиловиќ.

Посочува дека пратеничката група предвидува и амандмантска интервенција за финансирањето на Универзитетите, но и за коефициентот за платите на наставниот и соработничкиот кадар, кое како што рече, не е докрај дефинирано.

-Кога ќе се земат предвид платите на универзитетските работници споредено со други далеку подобро платени позиции во нашето општество ја прави сферата на високото образование неконкурентна и непрвилечна за вработување на млади кадри, посочи Рамчиловиќ.

Според него, предложениот закон во голема мера е рестриктивен во однос на демократизацијата на правата на студентите, односно студентските избори и студентскиот парламент. Тој вели дека предлог законот ја загрозува автономијата на студентското организирање.

Рамчиловиќ вели дека со амандманите кои се предложени ќе се заштити студентскиот стандард, со акцент ставен на студентите кои доаѓаат од ранливите категории.

Тој очекува од владејачкото мнозинство да прифати конкретни предлози во однос на овој закон, кој се носи со европско знаменце, односно по скратена постапка, што според него, ќе доведе до унапредување на образованието.

Веднаш по Рамчиловиќ се обрати и министерката за образование и наука, Рената Дескоска рече дека предлог законот поминал инклузивен процес на дебата.

Според неа, дел од амандманите кои беа поднесени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се неисправни, ниту технички, ниту суштински, ниту ќе го продолжат самиот текст на законот.

-Има одредби со кои сакаат да бришат надлежност на Деканот да ги распишува студентските избори на факултетите. Во одредени временски периоди на повеќе факултети Студентските Парламенти одбиваа да распишат избори со цел да оневозможат легитимно донесување на одлуките на Наставничките совети, рече Дескоска.

Рече дека на некои факултети не биле распишувани студентски избори за да се оневозможи избор на Декан.

Дескоска вели дека со новиот закон се предвидува праксата да биде оставена на факултетите, а не како досега, тоа да биде законска обврска.

Министерката потенцира дека некои од амандманите имаат технички грешки со мешање на термини, со што всушност стануваат неразбирливи.

Најнови вести