Покрај тоа што сите економските параметри покажуваат лоша економска состојба, а Македонија и понатаму се наоѓа на дното на земји по издвоени пари за економска помош на стопанството поради корона кризата, историски пад на бруто домашниот производ од 12,7 проценти, пад на индустриското производство за 9,5 проценти, пад на извозот за 21,4 проценти во првата половина од годината, 39 проценти реализација на капиталните инвестиции, како пораст на невработеноста, 40.000 граѓани оставени на улица без сигурна животна егзистенција, министерот за финансии Фатмир Бесими, убедува дека состојбата во економијата е стабилна.
Имено, на вчерашната прес конференција министерот за финансии Фатмир Бесими додаде дека мерките кои што долго време ги најавуваат од четвртиот пакет мерки ќе го ублажат ефектот на кризата во третиот и четвртиот квартал и во 2021 година ако нема здравствена криза, може државата да влезе во период на позабрзан раст.
-Економската ситуација е сериозна. И тоа сите треба да со сфатиме. И граѓаните и државните институции и приватниот сектор. Но ова не е за да плашам некого, туку за да ја сфатиме сериозноста. Дали има решение? Има. Финансиски гледаме добро да се планирани работите и на тоа да го додадеме четвртиот пакет мерки. Да го ублажиме ефектот на кризата во третиот и четвртиот квартал и во 2021 година, ако нема нова здравствена криза, да влезе во период на позабрзан раст“, вели Бесими.
Се очекува економската состојба дополнително да се влошува бидејќи историскиот пад на БДП од 12,7 проценти, се поголемиот број на избркани луѓе, пад на индустриското производство се индикатор за лошото справување на власта со економската и здравствената криза, но и трите сета на мерки кои наместо реални се покажаа како популистички и задоцнети.