„Фабриката за криминална легализација“ конечно разбра дека е фатено во криминал, и се повеќе тоне во живата кал на лагите. Велат една слика 1000 зборови. Тука зад мене се 4 фотографии, за кои што злосторничкото здружување нема одговор. Во 2018 изграден е нов објект- дивоградба, а општина Босилово на брза лента го легализира, врз основа на лажни изјави и издадени документи за тврдење дека објектот постоел во 2010 година, со што е направен очигледен криминал. Постои заедничка нишка за сите инволвирани и потпишани, а тоа е членство и функции во СДСМ, како и блискост до Зоран Заев. Тоа е злосторничко здружување за криминална легализација, ова денеска преку прес-конференција го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
-Градоначалникот на општина Босилово, Зоран Зимбаков, вчера даде насока за можно проширување на злосторничкото здружување. Тој вели, цитирам, „како градоначалник и општинската администрација поминаа низ неколку контроли од Државен управен инспекторат, Државен градежен инспектор, Јавно обвинителство, МВР и низа други институции и вели немаше ниту една забелешка“. Е па почитувани, невозможно е да нема забелешка, ако била прикажана вистината. Фотографиите доволно говорат. Вистината е во деталите: Зимбаков како гласноговорник на оваа фабрика за криминална легализација, и писмено и усно, го демантираше Решението за легализација што лично тој го потпишал, а децидно стои дека било поднесено барање под архивски број од 16.04.2016 година од барателот Атанас Јанушев и Драган Ѓоргиев, двајцата сосопственици на имотот. Свесен за неговата улога во Злосторничкото здружување, Зимбаков топката ја префрла токму на експратеникот, Драган Ѓоргиев, близок на Зоран Заев, екс пратеник колега на Заев од ист пратенички состав, горд сопственик на лиценца и нова легализирана фабрика за марихуана. Зимбаков се повикува на негова „полна морална, материјална и кривична одговорност“ под која што била дадена изјавата дека објект бил изграден во 2010 година. А објектот на фотографиите воопшто НЕМА! Дали Зимбаков со тоа јасно посочува вината кај Ѓоргиев и дека кај него треба да се бара одговорност за лажна изјава, потенцира Стоилковски.
Тој додава дека само за увид, ова е изјава со податоци за недвижности, од Драган Ѓоргиев каде што вели дека година на градба на објектот е 2010 година, вели тврд материјал со негов потпис. Ќе потсетам објект во 2018 година, во февруари не постои.
-Злосторничкото здружување, како и неговиот гласен експонент Зимбаков, мора да ги објаснат овие фотографиите. Во спротивно, потврдуваат дека „Фабриката за криминална легализација“, го следи теркот на Зоран Заев воспоставен со Глобал како и на хотелскиот комплекс Цареви Кули над Струмица на површина речиси колку половина град Струмица. „Фабриката за криминална легализација“ е составена од градоначалник, претседател на Совет, геодет- сите од СДСМ, со цел екс пратеник на СДСМ да му легализираат фабрика, со нова цел, за неполна година Зоран Заев на својот колега екс пратеник да му даде лиценца за наркобизнис. Почитувани, ова е скандал кој што мора да биде предмет на истрага а ЈО за организиран криминал, мора да одговори: Прво, дали постои злосторничко здружување кое има меѓусебни врски, а е составено со една цел, изигрување на најмалку два закона и е нанесена огромна штета на државниот буџет? Второ, дали мотивот за ова злосторничко здружување било однапред ветена лиценца за работа во вносен наркобизнис, со што се нарушува конкурентноста на пазарот? И трето, најважно, дали идејниот творец за двете претходни прашања, формирање на злосторничко здружување, како и однапред ветена лиценца за наркобизнис, е лично Зоран Заев? Епа, почитувани изреката вели дека секоја држава има мафија, во Македонија мафијата има држава. Изборот е или мафија или Македонија, вели Стоилковски.