„ВМРО-ДПМНЕ е континуирано во комуникација со сите категории на земјоделци во државата. Согласно последната ситуација која што се случува со откупот на грозјето, се поднесе иницијатива да се организира јавна расправа. И таа се одржа минатата недела, четвртокот и петокот, беа поканети и учествуваа двете здруженија на лозари од Тиквешкиот регион, Националната федерација на фарми итн. Значи едноставно морам да пренесам дека лозарите си ја кажаа катастрофалната ситуација во Тиквешкиот регион од оваа година“, истакна Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, при гостување на утринска програма на Алфа телевизија.
Трипуновски додаде дека за жал прв пат бил изненаден што власта не најде храброст да признае дека навистина е тешка годината.
„Власта едноставно тие денови ги убедуваше дека се е во ред. А, ситуациите на терен говорат нешто друго. Нареднава недела мислам дека ќе има завршница на таа седница и ќе произлезат заклучоци од таа јавна расправа, кои што потоа ќе одат на пленарна седница, и ќе има препораки до владата како да помогне на лозарите“, нагласи Трипуновски.
Трипуновски појасни дека СДСМ додека беше во опозиција предлагаше мерка за интервентен откуп на грозје, затоа сега ВМРО-ДПМНЕ излезе со таков предлог со цел да се помогне навистина на лозарите.
„Она што им беше ветено на лозарите дека ќе се откупува со повисоки цени, односно 9 со 11 денари, да се испочитува тоа. Треба државата да најде начин наместо да троши на луксузни возила за нивни потреби, да го плати овој интервентен откуп, да го откупи целото грозје кое што ќе остане евентуално неоткупено“, рече Трипуновски.
Трипуновски додаде дека поради негрижата на власта голема количина на грозје ќе остане неоткупено.