петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Живот и стил

Ова се најлошите работи на кои нè научија кога бевме деца

Ова се најлошите работи на кои нè научија кога бевме деца

Сите имаме свој систем на вредности според кој го водиме нашиот живот. Тој најчесто се формира уште во детството.

Но, тоа што некогаш изгледало како неопходност во најраните години, може да остане во нашите глави и кога сме возрасни и да не ни дозволува да уживаме во животот.

Грегори Јанц, психолог и автор на повеќе книги, одамна издвојува три најлоши работи кои ги учиме уште како деца, а подоцна ни го трујат животот кога сме возрасни.

1. Конформизам

„Каде сите, таму и ти“, или „зарем ти ќе се двоиш“ се фрази кои често сме ги слушале како деца, и тоа главно од возрасните. Сите сме седеле во прецизно одредени редици во училницата, а некои од нас дури носеле униформи на училиште. Секогаш нè учеле дека проблемите секој треба да ги решава на ист начин, од задачите по математика па сè до проблемите во детскиот живот.

Затоа не е чудо што децата воопшто не им се наклонети на врсниците кои се поинакви и често покажуваат со прст на нив. Тоа е моментот кога конформизот е всаден во детскиот ум и почнува од личноста да развива медиокритет.

2. Перфекционизам

Сите сме морале да бидеме најдобри во тоа што го правиме. Книшка и свидетелство со сите петки е стандард за успех, а не за исклучителност. Следствено на тоа се наградуваат само „совршените“ деца. Така детето се учи дека треба да биде задоволно само ако биде совршено во нешто и дека така треба да ја мери својата вредност како индивидуа.

Проблемот е во тоа што таков стандард е невозможен и што тежнеењето кон него во детето всадува страв од преземање на ризици. Стравот од несовршеност, односно од неуспех потоа создава личност чиј начин на дејствување и живеење прави невозможно животот да се живее со полни гради.

3. Одобрување од другите

Додека растеме, бараме одобрување на нашите постапки и резултати од страна на родителите, наставниците, врсниците и постарите браќа и сестри. Нормално и здраво е да се очекува поддршка од авторитетите, но доколку на младата личност не ѝ се објасни дека одобрувањето од другите не е мерило за вредноста на една личност, тогаш ќе се претвори во возрасен човек кој ќе чека околината да му ја одреди неговата вредност.

Тоа ќе им даде на другите контрола над тоа како таа личност се чувствува.