сабота, 9. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

СОНК бара да се плати прекувремената работа на наставниците и хроничните да работат од дома

СОНК бара да се плати прекувремената работа на наставниците и хроничните да работат од дома

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) ги повика директорите од основните училишта, на вработените во настава со физичко присуство кои имаат зголемен обем на работа, во октомвриската плата да им биде пресметан дополнителниот број часови наметнати поради пандемијата. Од МОН бара да ја преиспита одлуката за настава со физичко присуство на хронично болните наставници и да им овозможи онлајн-работа од дома.

Одделенија со ученици од прво до трето одделение, согласно со здравствените протоколи кои наложуваат најмногу 20 деца во училница, се поделени  во две групи, така што неретко еден наставник работи со двете групи. Претседателот на СОНК Јаким Неделков рече дека тоа е удвојување на работата и на потрошената физичка и психичка енергија. Соопшти дека според информации што ги има СОНК од терен, директорите одбиваат да ја платат прекувремената работа која трае и до 10 часа дневно.

– Бараме од директорите оваа дополнителна работа да ја пресемтаат и да ја стават како додаток на плата заради зголемен обем на работа односно прекувремена работа. Постои таков основ во Законот за работни односи и во Општиот колективен договор, каде што е утврдено колкаво е зголемувањето на плата по основ на прекувремена работа. Од теренот имаме информирации дека одредени директори ова не сакаат да го спроведат. Некои тврдат дека немале зголемен обем на работа и дека е нормално еден наставник дупло да работи со двете групи, училишта во некои општини кажуваат дека немаат пари, а трети дека ќе им дале слободни денови на вработените за извршената дополнителна работа, рече Неделков на прес-конференција, нагласувајќи дека тие три аргументи се неприфатливи за СОНК и затоа децидно бара да бидат исплатени.

Посочи дека на 21 октомври МОН испрати писмо до директорите на училиштата со кое ги потсетува на законските одредби и упатува да се плати зголемениот обем на работа.  Во спритивно, рече Неделков, СОНК ќе застане зад наставниците и секое прекршување на законот и колективниот договор ќе го пријави на надлежните. Можно е СОНК, рече тој, да иницира и судска постапка. Ги повика и самите наставници да ги побараат своите права кај директорите.

Исплата на прекувремена работа е единствена опција за минатиот месец, но дека има уште две опции за наредниот период со кои може да им се помогне на наставниците – општините итно да вработат наставници за втората група на одделението сè додека трае кризата и опцијата туторство – студенти да им помагаат на наставниците за втората група, со што низ практична настава ќе го надградуваат и своето теоретско знаење.

Неделков повика да се почитува и документот од МОН со кој  во исклучителни случаи наставниците можат да работат и од дома. Апелираше до директорите тоа да го овоможат по барање на наставниците. Меѓу причините ги наведе нестабилен интернет, недостиг од опрема и проблеми со греење на просториите, а од друга страна, рече, наставниците патувајќи кон работа, најчесто групирани во возила и автобуси, се изложуваат на ризик од зараза. Работата од дома, пред сè,  да им биде овозможена на хронично болните наставници.

– Има големо зголемување на бројот на заразени и затоа апелираме секаде каде што има можности и каде што сакаат вработените да работат од дома, користејќи ги своите ресурси на греење, интернет и компјутер, тогаш директорот да им овозможи. Апелираме и до МОН да ја преиспита можноста за прераспределба на работните обврски на наставниците кои работат од прво до трето одделение, односно да не продолжи наставата со физичко присуство, туку онлајн. Ова особено важи за хронично болни наставници и други вработени во училиштата. Според наши сознанија, во ниту едно училиште не е направена проценка на ризик за здравјето и опасноста од КОВИД-19. Имаме прилично болни наставници кои секојдневно патуваат до работа и се изложени на огромен ризик, а  нивното заразување може да биде и фатално, рече претседателот на СОНК.

Најнови вести