„Растејќи во семејство каде законот и адвокатурата е константно присутна како дел од едно малцинство кое што низ вековите секогаш приматот давал на законот и медицината, од најмала возраст ми велеле дека без земски закон или вера луѓето би биле исклучително опасни битија. Законот е важен за едно општество затоа што служи како норма за однесување на граѓаните“, појасни пратеничката Рашела Мизрахи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ на денешната собраниска седница.
Мизрахи додаде дека законот го одржува општеството во функција, а беззаконие значи хаос.
„Законот треба да прави јасна дистинкција помеѓу она што е правилно за поединецот и она што е правилно за сите нас“, истакна Мизрахи.
Мизрахи посочи дека во Македонија седум од 10 испитаници не му веруваат во македонскиот правосуден систем. Односно само 19% од македонските граѓани му веруваат на правосудниот систем.
„За кого денес ние треба да гласаме? Кого денес треба да го крунисаме како уставен судија? Денес за жал треба да гласаме за судија кој Уставниот суд има утврдено дека на адвокатите во предметот за 27-ми април им е повредено уставното право на слобода на мислата и на јавно изразување на мислата. Значи треба да поддржиме предлог кој не дозволува слобода на изразување. За судија за кој има сведочење од обвинител дека влијаело на судски постапки спротивно на закон кој што пак е основ за разрешување, а не за наградување“, потсети Мизрахи.
Мизрахи рече дека двојните аршини за делување се белег на власта предводена од СДСМ.
„Во јавноста ветуваат квалитетен правосуден систем кој ќе постапува по словото на законот, а ваму донесуваат одлука да се стави уставен судија кој прекршува право на слобода на изразување“.