среда, 6. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Власта се фалеше како извезува струја, а поради еколошката катастрофа со езерата и реките сега ќе увезува струја на товар на граѓаните

И додека власта во минатото се фалеше со извоз на струја, денес завршија со потреба за итно увезување на струја.
Власта се фалеше како извезува струја, а поради еколошката катастрофа со езерата и реките сега ќе увезува струја на товар на граѓаните

Владата на Република Македонија одлучи хидроцентралите да ги исклучат турбините со цел да остане вода реките и езерата а недостатокот на електрична енергија ќе се надомести со купување од странство, при што од ваквата одлука може да се заклучи дека енергетскиот систем во државата е пред распаѓање, народот ќе ја плаќа цената со увозот, а поединци ќе се богатат на сметка на народот.

Производството на струја во земјата е намалено, а ситуацијата дополнително ја отежнува фактот што термоелектраните кои произведуваат 70 отсто од струјата во Македонија не се во целосен погон.

РЕК Осломеј е исклучен бидејќи нема доволно вода во системот Студенчица, а РЕК Битола исто така не работи со полн капацитет бидејќи на Блок 3 се изведува капитален ремонт како и хаваријата од август кога имаше поплава. Не работеше ниту ХЕЦ Маврово каде се поправаат цевките на кои се губат 300 лити вода во секунда.

Надлежните не откриваатвколку точно струја ќе биде набавена прецизно не е утврдено, велат дека ќе се купува според потребите и од недела во недела.

До 15 ноември преку државниот ЕЛЕМ Трејд ќе се набавуваат потребните количини неопходни за мирна есен, односно покривање на проблемите со недостигот од вода во хидроцентралите, но и делумно блокираните производствени капацитети на термоелектраните поради технички зафати, пишува Дојче веле.

Состојбата на терен е драматична, пред се од аспект на водостоите на вештачките акумулации кои одамна се на еколошки минимум. Во услови на криза, интервентниот увоз отвора и повеќе други дилеми, пред се околу цената на набавената струја, но и пристапот до доволни количини. Од АД Електрани на Северна Македонија не очекуваат посериозни проблеми:

„АД ЕСМ започна постапка за набавка и според изготвениот план предвидено е до 15.11.2020г. да бидат набавени 20.450 MWh електрична енергија. Во овој период не очекуваме проблеми со набавката под околностите и причините кои ги наведовте. Во моментов, имаме доволно електрична енергија за покривање на сите потреби на конзумот“, велат за Дојче веле од АД ЕСМ.

Планираната набавка на електрична енергија е речиси половина од акумулираниот капацитет кој во моментов го поседува ХЕЦ Маврово. Овој најголем хидропотенцијал на АД ЕСМ има акумулирана енергија од речиси 46.000 MWh, но таа не работи бидејќи се изведува зафат на шахтите. Дополнителен проблем е што не функционира системот на РЕК Осломеј, а и во РЕК Битола во тек е капитален ремонт:

„Зафатот во ХЕЦ Маврово кој не бил изведен подолго време, има за цел да се намалат загубите на вода кои во моментов изнесуваат 350 литри во секунда. Зафатот е предвиден да заврши на 20. ноември, но дали потоа хидроцентралата ќе започне или не со производство ќе се процени врз основа на ситуацијата и потребите. На почетокот на грејната сезона кога е зголемена побарувачката на електрична енергија, беше предвидено вклучување во системот на РЕК Осломеј, каде е обезбедена техничка подготвеност на термоелектраната. Сепак, во овој момент термоцентралата не може да биде ставена во производство поради исто така неповолна хидролошка состојба на системот Студенчица, од каде се обезбедува вода за  разладната кула. Во РЕК Битола се работи со два блока, додека на Блок 3 се изведува капитален ремонт, кој е предвиден да заврши на 1.12.2020. За жал, во изминатите 10 години не беа изведени капитални ремонти, со што беше доведена во прашање доверливоста и сигурноста на блоковите“, укажуваат од државната енергетска компанија.

Сепак на товар на граѓаните

Надлежните уверуваат дека целиот процес е во насока на заштита на интересот на граѓаните за одржување на цената на домаќинствата на стабилно ниво, како и можна поголема добивка на буџетот. Дел од експертите сепак предупредуваат дека во актуелните услови прашање е дали цената на струјата би била поволна или поевтина од произведената во домашните капацитети. Критикуваат дека граѓаните ќе бидат приморани да го плаќаат цехот за несериозноста и непромислените потези и трошоци кои на крајот од денот, сепак се плаќаат со пари од државниот буџет:

„Се фалевме пред две години дека сме извезувале електрична енергија во период кога моравме да штедиме, а сега ќе бидеме приморани да купуваме поради ненормално испорачување на вода. Шпиље или Дебарско Езеро станаа река, го испуштивме Тиквеш, се поради непланирано работење и во невреме, непланирано ја потрошивме водата и сега сме соочени со проблем“, предупредува универзитетскиот професор Константин Димитров.

Отсуство на инвестиции во енергетски сектор

Дополнителен проблем според упатените е што во последниве години освен во обновливи извори на енергија, отсуствува посериозна инвестиција во енергетскиот сектор.

„Обновливите извори на енергија не го решаваат проблемот, туку само го ублажуваат. Кога имаме сонце имаме некакво производство, но ноќно време немаме ништо, а тогаш имаме големи потреби. Не се направени соодветните ремонти, има недостиг од јаглен, имаше испади во РЕК Битола, проблеми со производството, што генерално е проблем бидејќи производството во термоцентралите е намалено. Нема сериозен пристап. Со 4 километри поврзување ТЕЦ Неготино можеше да работи на гас, но тоа не е направено. Се`уште не се решава ниту прашањето со Чебрен и Галиште. Го закочија тендерот кој го правеше уште минатата Влада за влез на партнер, иако јас секогаш велам дека можеме да го направиме со сопствени средства. Годишно по 100 милиони евра да издвојувавме за пет години ќе го направевме“, реагира Димитров.

И додека власта во месец јуни се фалеше дека Акционерското друштво Електрани на Северна Македонија откако ги задоволило потребите на универзалниот снабдувач за електрична енергија за тарифните потрошувачи, продолжило со производство и со продажба на електрична енергија на слободниот пазар, денес сликата е поразлична, компанијата ќе увезува струја поради тоа што истата на нема!

Инаку минатиот месец започна чистењето на коритото на реката Црн Дрим и додека граѓаните се радуваат бидејќи тоа не се случило од неговата изградба, реалноста е сосема поинаква.

Коритото се чисти, бидејќи е празно од водата која е пресушена, речиси цел месец од започнувањето на чистењето, водата на Охридското езеро е замо три сантиметри над минимумот, додека треба да биде до 60 сантиметри над минимумот.

Како за податок, на 9 јули годинава водостојот на Црн Дрим бил намален за 61 сантиметар во однос на претходниот ден, покажуваа мерењата направени од Управата за хидрометеролошки работи.

Според овие мерења, нивото на Црн Дрим тогаш било 63 сантиметри за разлика од претходниот ден кога изнесувало 124 сантиметри.

Пад на нивото имало и кај Вардар и тоа од 12 сантиметри кај Демир Капија и од 10 сантиметри кај Јегуновце. За 10 сантиметри е зголеменото нивото на Вардар кај Велес.

Под просекот за јули било и нивоата на Охридското и Преспанското Езеро, а над нивото на Дојранското Езеро.

Инаку уште во март годинава од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека заради личен и партиски профит во бизнисот со производство на електрична енергија Заев ги остави граѓаните без капка вода.

-Малото количество на вода во езерото Калиманци кое моментално има над 30 милиони метри кубни, е недоволно за земјоделските посеви во околината. За задоволување на потребите на земјоделското производство од Виница до Велес се потребни 100 милиони метри кубни вода. Спореф овој податок фалат 7омилиони метри кубни вода кои власта ги потроши. Поради бизнис интересите на Заев вода нема да имаат ниту оризарите во кочанско. Вода нема да има ни за Овчеполието, ни во Тиквешко, Повардарие, Пелагонија, Струмичко, обвинија тогаш од ВМРО-ДПМНЕ.

Дека ситуацијата е алармантна може да види ако се спореди водостојот на овие езерата во последниве неколку месеци од состојбата пред неколку години, што претставува и вистински проблем околу производството на електрична енергија.

Ја снемува водата, се грижи ли некој за езерата?

Алармантна е состојбата со езерата во Македонија. Водата од ден на ден се повеќе ја снемува, тоа може да се види и со голо око, властите не превземаат ништо, а лошото управување и менаџирање со езерата е очигледно.

На почетокот од месец септември водостојот на Преспанското езеро беше намaлен за еден сантиметар, за два сантиметри беше намален водостојот на Дојранското езеро и за два сантиметра беше намален водостојот на Охридското Езеро.

Од податоците од надлежните институции се гледа дека намалувањето на нивото на водата на езерото се движи постепено и континуирано, Критично е Преспанското езеро каде од 2016 година кога водостојот бил намален за 110 сантиметри, тој тренд продолжил и во 2017 година, додека во август 2018 година висината на водата била намалена за 166 сантиметри, за денес нивото на водата во Преспанско езеро да е намалена за околу 313 сантиметри од нивото на водостојот во 2016 година.

Во државава се случува енормен, драстичен пад на водостојот па ни се заканува суша.

ВКЛУЧЕН АЛАРМ

Предупредувања имаше и од страна на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, која тогаш даде податоци за загрижувачкото намалување на водостојот на акумулациите во Македонија. Во март месец годинава Тиквешко езеро беше намалено за 70%, езерото Калиманци беше намалено за 75%, езерото Турија беше намалено за 65% и Стрежевско езеро беше намалено за 72,5%.

Дебарското, Мавровското езеро и Козјак се сведени најниското можно ниво до сега, риболовните друштва тврдат дека количеството на риба, односно рибниот фонд е намален за повеќе од 90% , нема веќе ни риби по езерата.

Дека ситуацијата е алармантна може да види ако се спореди водостојот на овие езера низ последниве неколку месеци од состојбата пред неколку години.

И по шест месеци од објавување на овие податоци, од надлежните институции се уште нема точни податоци за колку е намален водостојот од вештачките акумулации.

Преспанско езеро изгуби вода во количина колку две Дојрански езера, од страна на Албанија веќе се подготвува студија за тоа што се слулува со Преспанското езеро, а од друга страна тажни фотографии прикажуваа ова лето граѓаните во посета на ова езеро кое е пред исчезување, надлежните сеуште без план за реагирање.

ОХРИДСКА КАТАСТРОФА?

Сега и Охридското езеро е повлечено за скоро 6 метри за еден месец. Надлежните за ова велат дека езерото природно осцилирало во текот на годината, но граѓаните кои живеат во Охрид и околината велат дека ваква природна катастрофа на повлекување на водата до сега не се случија, па реагираат на социјалните мрежи секојдневно прикажувајќи фотографии за намалувањето на водата.

Не е само недостатокот од врнежи како што пробуваат да се оправдаат надлежните органи, се повеќе личи дека лошото менаџирање и неконтролираното испуштање на водата без стратегија на сметка на животната средина, што за произведување на струја, што без план, се клучни фактори за уништувањето на езерата. Сега на работ на егзистенција се флората и фауната во езерата и покрај езерата, природата е во шок, затоа што без вода во езерата и намален водостој Македонија ќе се претвори во пустина.

Најнови вести