Трендот на партиски вработувања и понатаму продолжува иако сегашната власт на СДСМ во своите опозициски денови велеше дека државната администрација е партиски преполнета и дека треба нејзино кратење, во последните три и пол години откако е на власт како целосно да го промени својот став.
Сега речиси и да нема ден а да не се објави нов оглас за вработување во државната администрација. Овој пат министерството за надворешни работи, министерството за финансии и министерството за локална самоуправа вработуваат неколку државни службеници.
Имено, Министерството за надворешни работи објавува два огласи на кој на едниот се бараат 3 државни службеници, и тоа се вработува еден више референт и двајца самостојни референти, а нето платата според огласот изнесува од 15.416 до 16.172 денари, додека пак на вториот оглас на МНР се вработуваат дури 11 државни службеници а според описот на огласот предвидени се вработувања согласно годишниот план на институцијата за 2020 од различна национална припадност. Според огласот МНР вработуваат соработници за различни оддели, а нето платата која што ќе ја земаат овие лица изнесува 17.734 денари.
Министерството за локална самоуправа пак исто како МНР преку распишани два огласи бара вработување на вкупно 4 државни службеници, односно според огласите се вработува самостоен референт, двајца помлади соработници и еден советник. Платата е во зависност од позицијата на која се вработуваат, а изнесува од нето 16.560 до 26.410 денари.
Министерството за финансии пак според описот на распишаниот оглас вработува еден Албанец за раководител на сектор за централно финансирање и склучување на договорот, нето платата за оваа позиција изнесува дури 37.631 денари.
Во моментот се активни над 119 нови вработувања објавени од страна на Агенцијата за администрација за вработувања во локалната и централната власт, а претходно, јавноста беше сведок на други огласи за вработување во државната администрација во Министерство за финансии, Државниот завод за ревизија, Национална установа филмски центар Вардар Скопје, Национална установа Театар за млади и деца Скопје, како и вработување во националната радиодифузија, како и по тројца советници во кабинетите на министерството за одбрана, и министерството за образование и наука.