Граѓанското движење на Ромите „Аваја“ во реакција за Предлог буџетот на држава за 2021 година, бара, како што наведува во соопштение, Владата да ја преиспита одлуката во врска со буџетот наменет за имплементација на Стратегијата на Роми и во рамки на Министерството за транспорт и врски да го зголеми на 40 милиони денари.
-Веруваме дека со оваа одлука, Владата ќе покаже сериозност и подготвеност за вистинско решавање на проблемите со кои се соочува ромската заедница и ќе ги исполни предизборните ветувања што беа дадени пред ромската заедница. Воедно, граѓанското движење на Ромите во текот на изминатите недели испрати и предлози за буџет во 12 општини за вклучување на приоритетите на Ромите во локалните буџети за 2021 година, вели во пишана изјава Алберт Мемети, претставник на граѓанското движење Аваја и програмски менаџер за економија во Институтот за истражување и анализа на политики.
Со Предлог-буџетот на Република Македонија за 2021 година што беше доставен до Собранието минатата недела, наведува Мемети, планирани се 59,2 милиони денари или 964 илјади евра, при што во споредба со предлог буџетот за 2020 каде изнесуваше 79,8 милиони денари, сега буџетот за 2021 е помал за 26 проценти.
-Единствено значително зголемување во новиот предлог-буџет имаме во Министерството за здравство за 22 проценти, каде што се планира зголемување на бројот на здравствени медијатори. Додека во останатите министерства може да се забележи стагнација или намалување, при што најголемо намалување имаме во Министерството за транспорт и врски од 50 проценти, наведува Мемети.
Кратењето на Буџетот за поддршка на имплементација на Стратегијата за Роми, наведуваат од Аваја, е во спротивност со препораките на Европската комисија, каде што во делот на домување Европската комисија нотира дека се прави многу мал прогрес и голем дел од активностите остануваат неимплемнтирани. (МИА)