вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Божиновски: Флексибилноста, грижата и емпатијата на професорите да надвладеат над незнаењето и немоќта на власта

Божиновски: Флексибилноста, грижата и емпатијата на професорите да надвладеат над незнаењето и немоќта на власта

Перчо Божиновски, професор по македонски јазик и литература порачува дека флексибилноста, грижата и емпатијата на професорите да надвладеат над незнаењето и немоќта на власта.

Неговата колумна ја пренесуваме во продолжение:

Тагата во минатото не се разликува од тагата денес. Делото „Декамерон“ од Џовани Бокачо е оригинална животна приказна за да се сфати како да се преживее во време на епидемија. Велика во делото „Пиреј“ на Петре М. Андреевски ги губи своите деца не можејќи да ги зачува од смртоносната болест, но никогаш не се откажува. Токму тие моќни пораки од книгите родени среде апокалипсата треба да се сфатат и разберат.

Но, за жал не е така и додека некој цело време одржува прес-конференции и води скапа ПР-кампања наместо да создаде услови и организира обуки, професорите, учениците и родителите мака мачат уште на самиот почеток од оваа учебна година. Европските земји повикуваат да се поттикнат инвестициите во образованието, а не да се кратат средства. Но што може да се очекува кога од буџетот се кратат половина средства за развој на дигитални содржини и онлајн курсеви. Надлежните никако да сфатат дека без воведување конкретни и ефикасни мерки нема затворање на „дигиталниот јаз“ и надминување на нееднаквоста во пристап до дигиталните алатки во образованието.

Факт е дека од страна на МОН и БРО не се понудија системстки решенија, националната платформа никако не профункционира, ниту се осмисли квалитетет и ефективен начин на оценување за онлјан наставата. Воопшто не се спроведе некакво истражување со цел да се покаже колку учениците заостанале во совладувањето на наставните програми поради кризата што ја донесе пандемијата со коронавирусот. Во Македонија сè уште најголем дел од училиштата немаат соодветен пристап до интернет, а ИКТ-инфраструктурата или воопшто ја нема, или и таму каде што ја има е во лоша состојба. Иако цело време се идеализира состојбата сепак во реалноста тоа не е така и пристапот до образованието за учениците, особено на децата со попреченост останува ограничен и слаб, а се забележува и голем недостаток на соодветни материјали за учење и недоволна поддршка за наставниците. Она што треба што поскоро да се спроведе во образовниот систем е зголемување на поддршката за обука на наставници и професионален развој на наставниците и обезбедување на ефекиасен процес на оценување, како и подобрување на пристапот до квалитетно образование за сите.

Откако наставниците и професорите увидоа дека сме оставени самите на себе, наша прва задача за учењето на далечина е кај учениците да развиеме чувство за доверба и безбедност во рамките на електронската комуникација. Мора нашите ученици да станат отпорни и издржливи, а со таа да поттикнеме позитивен став кон учењето, поддршка да учат самостојно и независно. Професорот кој негува присуство на флексибилност, грижа и емпатијата ќе ги рефлектира овие карактеристики во стилот и форматот на оценување. Основните карактеристики на наставата и учењето и трите важни компоненти на присуство во наставата – дизајн и организација, олеснување на дискурсот и директна инструкција, ќе продолжат да бидат клучни компоненти на ефективност на наставата во учењето на далечина.

Власта и Министерството за образование и наука треба да нудат решенија, а не да го заробуваат образовниот систем во Република Македонија со политичко влијание и корупција. За успешна онлајн настава да ги адаптираат целосно учебниците во електронска форма и да ги променат вообичаените методи во наставниот процес додека трае онлајн наставата.. Да обезбедат електронски уреди и интернет за учениците, особено од социјално ранливите категории и од повеќедетните семејства за истите да можат да ја следат онлајн наставата. Веднаш да инвестираат во надградување на вештините на наставниците, професорите и учениците во нивните дигитални компетенции. Да обезбедат континуирана техничка поддршка на училиштата и на наставниот кадар за успешно спроведување на онлајн наставата. Треба да се работи и само да се работи.

И да се навратиме на почетокот кај „Пиреј“. Раѓањето на Роден е светла точка, надеж, поттик да се продолжи понатаму. Роден е македонскиот пиреј.

Затоа флексибилноста, грижата и емпатијата на професорите да надвладеат и да ги победат незнаењето и немоќта на власта кои како темен облак надвиснале над образованието. Да не дозволиме никој да успее да наштети на квалитетот на учењето на нашиот пиреј, оние во чии раце се наоѓа иднината на нашата татковина.

Најнови вести