Почитувани Претседател, Премиер, Министер за одбрана,
Ние, како припадници на АРМ, цениме дека ова писмо треба да почне со заклетвата:
„Се колнам дека ќе ги бранам слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на Република Македонија. Дисциплинирано, совесно и одговорно ќе ги извршувам обврските и должностите како бранител на мојата татковина Република Македонија и ќе се борам за нејзината слобода и чест!“
Заклетва која сите припадници на Армијата на Република Македонија, почнувајќи од осамостојувањето во 1991 година па се до денес, ја даваат кога ќе ја облечат униформата и ќе стапат на служба во АРМ.
Заклетва која, Ние, припадниците на АРМ, кога ја даваме се колнеме на Македонија, без разлика дали претседател е Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски или Стево Пендаровски. Без разлика дали премиер е Никола Кљусев, Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Владо Бучковски, Хари Костов, Никола Груевски, Емил Димитриев, Оливер Спасовски или Зоран Заев. Без разлика дали министер е Трајан Гоцевски, Владо Поповски, Благој Ханџиски, Никола Кљусев, Лазар Китановски, Љубен Пауновски, Владо Бучковски, Лазар Еленовски, Јован Манасијевски, Зоран Коњановски, Фатмир Бесими, Талат Џафери, Зоран Јолевски или Радмила Шекеринска.
Без разлика дали Вие сте од СДСМ, ВМРО, ДУИ, ЛДП, ДПА, или било која друга политичка партија. Без разлика дали Вие како Премиер, Претседател или Министер сте Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром, Влав,….. Без разлика дали сте православен, муслиман, католик, протестант,….. Без разлика на сите можни поделби по кои можеме да се делиме и да бидеме различни меѓу себе, Ние се колнеме на Македонија.
(нека ни простат сите оние кои ненамерно не се спомнати, меѓутоа целта на писмото не е да набројуваме.)
Вие, претседателите, премиерите, министрите, исто така давате свечени заклетви и изјави кога ќе стапите на функциите и должностите кои ги извршувате. И Вие, како и Ние, се колнете и изјавувате дека функциите ќе ги извршувате совесно и одговорно, ќе ги почитувате Уставот и законите, ќе ги штитите територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Република Македонија. Изјавувате дека ќе работите во интерес на граѓаните и за доброто на земјата. Кажувате дека ќе ја оправдате довербата која Ви ја дал НАРОДОТ.
Значи, да заклучиме до овде: и Ние и Вие, сите се колнеме дека ќе ги правиме истите работи за Македонија, секој од својата функција, должност, позиција, во склад со своите надлежности, своите можности ….
Меѓутоа, во последно време Вие направивте чекори и постапки кои раѓаат сомнеж кај многумина од Нас. Ни го сменивте името на државата, ни ја зедовте Македонија од униформата и ни забранивте да ја носиме, не разоружувате од оружјето и орудијата кои имаат респективна огнена моќ, ни ги „трансформирате“ специјалните и тенковските единици, ни наметнувате да градиме капацитети само како лесна пешадија, ни ги приземјувате воздухопловите,….
Но најважно е дека ни ја менувате историјата (а не сакате да ги слушате историчарите), ни ги распродавате хероите кај соседите, се обидувате да го продадете јазикот, идентитетот,….. Што ќе биде следно? Религијата, територијата,….? Има ли крај?
Сето ова не тера да се посомневаме дека Вие како да не ги почитувате заклетвите и изјавите кои свечено ги дадовте и потпишавте. Мислиме дека не ги извршувате Вашите обврски и должности за да ги заштитите интересите на Македонија и дека искрено работите во интерес на граѓаните и татковината. Црвот на сомнежот сé повеќе ги разјадува нашите убедувања дека Вашите намери за живот во мир и благосостојба на народот во Македонија се чесни и искрени. Вие не сте искрени и не ја говорите вистината.
Не ви го прифаќаме понижувањето со тоа дека бугарската фашистичка окупација била администрација, а нашата министерка Шекеринска дури и кажува дека треба да ја заборавиме историјата. НЕ!
Тоа така не може! Ние во АРМ за наш ден го имаме 18 Август, свет ден кога во Втората Светска Војна 1943 година е формиран македонскиот антифашистички баталјон “Мирче Ацев”. Министерке, тоа не може да ни го негирате, не можете да ни ги негирате традициите од војната во која Македонците се бореле против бугарскиот фашистички окупатор.
Затоа, Ве молиме, за доброто на сите: Уште еднаш размислете пред да ги донесете крајните одлуки и да преземете чекори кои може се штетни за македонските национални интереси. Размислете дали вреди да тргнеме по патот од кој нема враќање?
Вие сте политичари, ние сме војници! Вие доаѓате и си одите, ние остануваме! Со нас останува и НАРОДОТ! Немојте да нé тестирате до каде ни е прагот на толеранција!
Едноставно е, разберете нé! Ние не можеме да да молчиме додека Вие ја предавате и продавате Македонија! Стоп за распродажбата ВЕДНАШ!
П.С. Не нé барајте преку службите, доволно нé има, од сите чинови, должности и од сите единици.
Со почит,
Ние, припадниците на АРМ…, се вели во отвореното писмо до државното раководство од припадниците на Армијата