петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

„Не во наше име и не во име на македонските дијалекти од Петрич до Струмица“!

„Не во наше име и не во име на македонските дијалекти од Петрич до Струмица“!

„Од двете страни, либе, езерата,

од левата страна, либе Буткавското,

а од десната страна Дојранското.

Зад мене, мило либе, рамно поле,

рамно поле, мило либе, Струмичкото.“

(„Да знаеш, мило либе да знаеш“)

Со овие цитати започнува колумната на Перчо Божиновски, професор по македонски јазик и литература.

Неговата колумна ја пренесуваме во продолжение:

Историјата и фолклорот се запишани само треба да се прочитаат. Писанието го започнав со извадок од македонска народна песна за љубовта на двајца млади, од двете страни, испеана од И. Б. од Петрич. Да, токму песна од Петрич затоа што е дел од македонските говори во Пиринска Македонија, а ние, Македонците имаме цело богатство од дијалекти.

Македонскиот дијасистем е еден и единствен и тоа сме го потврдиле со своите теренски истражувања на македонските дијалекти кои се доказ за постоењето и индивидуалноста на македонскиот јазик.  Пред да се изговори нешто треба да се размисли дали тоа е научно издржано. За жал, во последно време сведоци сме на изјави од функционерите од власта коишто се граничат со разумот, како последната на премиерот, дека Македонците од Струмица зборувале на ист дијалект, ист јазик како и граѓаните на нашиот источен сосед во Петрич. Македонскиот јазик којшто се говори во Струмица не може никако да биде дијалект на бугарскиот јазик.

Господине премиере, дијалектологијата е многу комплексна и бара многу истражувања на терен. Ако не се истражува тогаш барем треба да се прочита. Доколку не знаете и нема кој да ве подучи говорите во Струмица и Петрич ниту се исти дијалекти, ниту се ист бугарски јазик. Штипско-струмички говори (градот Струмица) и малешевско-пирински говори (градот Петрич) спаѓаат во југоисточното наречје на македонскиот јазик. Каратеристиките по кои тие се изделуваат е поголем од тие со кои се поврзуваат. Пример, во штипско-струмички говори (Струмица) за разлика од малешевско-пиринските говори (Петрич) акцентот е морфолошки утврден, не се менува низ парадигмата.

Петричкиот говор претставува посебна диjалектна индивидуалност во рамките на малешевско-пиринското диjалектно подрачjе на македонскиот јазик. Македонскиот дијалектолог Божидар Видоески за петричкиот говор заклучува дека се jавувa како граничен меѓу три големи диjалектни групи: на север и североисток тој граничи со малешевско-пиринските, на запад со струмичко-радовишките и на jyr и jугоисток со серските говори, и на еден мал простор со кукушкото говорно подрачjе.

Бугарската дијалектологија на Стојко Стојков, издадена во 1949 година ги третира македонските говори како лингвистички различни.

Зошто петричкиот говор како посебен говор не се споменува од Стојко Стојков во неговиот прв курс по бугарска диjалектологиjа (Стойков, 1955: 61-63) во делот „Македонски говори в пределите на България“?

Петричкиот говор како посебен говор во кој го вклучува и санданскиот говор, Стојков го изделува допрва во проширеното издание на неговата „Българска диалектология” (Софиjа, 1962).

Американецот Хорас Лант, автор на првата академска граматика на македонскиот јазик нагласува дека бугарската лекомислена аргументација за македонскиот јазик е „некомпетентна во однос на лингвистичката теорија и заснована врз низа лошо организирани предлози и побарувања, од кои еден голем број се сомнителни, претерани или искривени“.

Конечно може да заклучиме дека тие се дијалекти на македонскиот јазик.

Премиери со спротивни тези би паднале на испит како студенти, а како ученици би отишле на полагање на поправен. Навистина тажен е молкот на научните и образовните институции во Македонија одговорни за заштита на македонскиот јазик.

Не во мое име, не во наше име!

Не во наше име и не во име на македонските дијалекти од Петрич до Струмица!

Најнови вести